Фото: Горан Анастасовски

АТЛЕТИКА – СКОПСКИ МАРАТОН

  • И за Ивановски и за Џеруто тоа е втор триумф на „Скопскиот маратон“. Годинава се натпреваруваа рекорден број тркачи, во четири дисциплини (маратон, полумаратон, штафетна и трка на пет километри)

Најдобриот македонски атлетски маратонец Дарио Ивановски во машка и Кенијката Ирене Џеруто во женска конкуренција се победници на традиционалниот „Скопски маратон 2025“, кој се одржа низ улиците на Скопје, вчера, во четири дисциплини: маратон, полумаратон (21 км), штафетна трка и трка на пет километри, чија организација помина на највисоко ниво. Ивановски ја истрча патеката од 42,195 км за 2:14,50 часа, а Џеруто за 2:38,31 часа. Ова е втор триумф на Ивановски, на овој 21. по ред маратон во нашиот главен град, по успехот што го постигна во 2021 година, а Џеруто го одбрани ланскиот триумф. Бидејќи овој маратон се сметаше и за Балканско и Национално првенство во маратон, Ивановски истовремено стана и балкански и македонски првак, што е уште еден голем успех за него и за македонската атлетика.
– Ова е триумф за цела Македонија, за сите Македонци. Поздрав за сите што ме бодреа, но и за преостанатите што ме критикуваа. Покажав дека можам да победам. Најважно ми е достоинствено да ги бранам боите на Македонија. Доста е сите да нѐ гледаат како губиме и слично. Време е да покажеме дека и ние во Македонија имаме таленти. Сега одам на добар бургер и на многу слатки. Уживајте во денот – изјави по трката Ивановски.
Кај маратонците второто место го освои Кениецот Џулиус Кипкоеч, а трет беше Давити Карашвили од Грузија (2:19,59). Кај маратонките втора е Бугарката Маринела Нинева (2:45,36), а трета низ целта помина Ана Јусупова од Азербејџан (2:48,10). Во полумаратонската трка (21 км) најдобро време (1:07,57) постигна Албанецот Албион Имери, втор беше Иван Пешовски (1:11,30), а трет Александар Арсов (1:12.52), двајцата од Македонија. Кај жените славеше Греса Бакрачи (1:20,40) од Косово, втoра е Тeа Божиновска (01:21,10), а трета Милјана Ристиќ-Стојчевска (01:22,13).
– Преубаво е чувството, им благодарам од срце на сите што навиваа за мене. Искрено никогаш полесно не сум ја истрчала трката. Ова е мој личен рекорд во полумаратон, кој ми е во душата, а годинава сум и државен првак во оваа конкуренција – изјави Божиновска.

Во најмасовната трка на пет километри, на која на стартот се појавија околу 10.000 учесници, најбрзи беа македонските претставници Григоријан Никовски и Ирма Хајдари (18,54 мин.). Во штафетниот маратон, ЕУ за спорт, победи екипата на „Врањски маратонци“ со време со 2:26,34 часа.
Најуспешна нација досега на Скопскиот маратон се Кенијците, кои имаа 10 триумфи во машка и 11 во женска конкуренција. Најуспешниот поединечен резултат досега го има Кениецот Киротич Кируи (2:12,36), постигнат во 2016 година на 16. „Скопски маратон“. Тој го држи и вториот најдобар резултат, постигнат следната година (2:12,59), а трет резултат по вредност беше постигнат лани од Хилари Чемвоно (2:13,28) од Кенија.
– Ова е празник на градот. Најголем спортски настан во Македонија. Перфекција од организација. Ѝ благодарам на целата екипа со која работевме заедно за сѐ да помине во најдобар ред. Никаков застој, ниту проблеми немаше во текот на маратонот, беспрекорни патеки, а на секои 850 метри имаше поставено освежување за натпреварувачите, за што добивме пофалби од маратонците – изјави, меѓу другото, Гордана Кузмановска-Николовска, од Организацискиот одбор на маратонот. 


„Нова Македонија“ и годинава беше дел од „Скопскиот маратон“

Редакцијата на дневниот весник „Нова Македонија“ и годинава беше дел од „Скопскиот атлетски маратон“.
– Годинашниот „Скопски маратон“ ми беше вистинско уживање, не форсирав многу и можев да уживам во трката. Со оглед на подготовките годинава, задоволна сум од резултатот. И можам да забележам дека годинава организациски беспрекорно беше реализиран, со многу освежителни станици, многу ентузијазам кај волонтерите, публиката… Радост беше да си дел од толпата тркачи – рече новинарката Сања Јачевска.
Во полумаратонската трка настапи и графичкиот уредник Гоце Цветаноски.
– Задоволен сум од истрчаното. Tргнав малку резервирано, но во втората половина забрзав и на крајот постигнав резултат од 1 час и 37 минути. Нешто подобро од минатата година. Во мојата категорија, 50-54 години, освоив шесто место од 86 натпреварувачи. Условите беа идеални за трчање, а енергијата преубава. Вистински празник на градот – изјави Цветаноски. Г.И.

Фото: Горан Анастасовски
Фото: Горан Анастасовски