Ѓоковиќ не е поразен 75 меча во низа во првото коло на гранслем-турнирите, што претставува нов рекорд
ТЕНИС – ОТВОРЕНО ПРВЕНСТВО НА САД
Рускиот тенисер Данил Медведев не успеа да се пласира во второто коло на тенискиот гранслем-турнир САД опен во Њујорк, што претставува најголемо изненадување засега. Русинот, кој е на 13-то место во светот, загуби од 51-от светски рекет, Французинот Бенжаман Бонзи по пет сета (3-6, 5-7, 7-6, 6-0, 4-6), во меч што траеше три часа и 46 минути. И двајцата остварија по шест брејка.
Србинот Новак Ѓоковиќ, со победа во три сета (6-1, 7-6, 6-2), во првото коло против младиот Американец Лирнер Тиен, трга кон јубилејната 25. гранслем-титула. Притоа најдобриот тенисер на сите времиња постави уште еден рекорд. Имено, тој е првиот тенисер во опен-ерата што не е поразен 75 меча во низа во првото коло на гранслем-турнирите, а наедно ја впиша и својата 80-та победа на стадионот „Артур Еш“во Њујорк.
Пласман во второто коло на САД опен од тие што засега настапија уште обезбедија Чехот Јиржи Лехечка, Швајцарецот Џером Ким, Шпанецот Пабло Карењо-Буста, Аргентинецот Томас Мартин Ечевери, Австралиецот Џордан Томпсон и Американецот Брендон Накашима.
Во женска конкуренција тоа го стори Американката Џесика Пегула, четвртата во светот, откако ја победи Египќанката Мајар Шериф со 6-0, 6-4. Потоа Литванката Јелена Остапенко, Италијанката Јасмин Паолини, Лулу Сун од Нов Зеланд, Русинката Анастасија Потапова, Швајцарката Белинда Бенчиќ, Русинката Ана Блинкова, Американката Ема Наваро, Американката Кејти Мекнали и поранешната број еден во светот, Белорусинката Викторија Азаренка, која трипати стигнала до финалето на САД опен. Г.И.