Сакам да им посакам среќа на сите македонски учесници да го дадат својот максимум и да направат добар резултат, вели селекторот Кузмановски
КАРАТЕ – ЗАПОЧНА ЕП ВО ЕРЕВАН
Македонската сениорска карате-репрезентација во борби, предводена од селекторот Александар Кузмановски и во кати на чело со селекторот Стојан Андриевски, од вчера до недела ќе биде дел од Европското првенство (ЕП), кое се одржува во Ереван, Ерменија, во конкуренција на 500 учесници од 51 држава. Настапите веќе започнаа вчера со ката-натпреварите, како и во борби, над 84 кг, до 84 кг, до 75 кг (мажи) и над 68 кг, до 68 кг, до 61 кг (жени).
– Притисокот е голем, ќе се обидеме оваа репрезентација составена од млади, желни за победа и искусни каратисти, желни за резултат, да го повториме резултатот од лани. Но овој пат ќе биде многу потешко, зошто сите натпреварувачи од Европа сакаат норма за учество на Светско првенство преку остварување добар резултат токму на ова ЕП. Сакам да им посакам среќа на сите македонски учесници да го дадат својот максимум и да направат добар резултат. А секој резултат на едно вакво големо натпреварување ни оди во прилог, оти секој спортист сонува да ја круниса својата кариера со добар сениорски резултат. Ќе се потрудиме да ја израдуваме македонската спортска јавност – вели селекторот во борби, Александар Кузмановски.
Македонија има континуитет на освојување медали од европските натпреварувања, а последниот успех беше 2024 година, кога Михаела Мишовска (до 50 кг) се закити со сребро на ЕП за сениорки во Задар. Македонија досега има освоено вкупно 17 медали од ЕП, од кои 16 во борби и една во кати-екипно, додека најуспешен каратист е Емил Павлов со две злата и две бронзи. Г.И.
Состав борби
ЖЕНИ
Михаела Мишовска (до 50 кг)
Симона Заборска (до 55 кг)
Вероника Костовска (до 61 кг)
Ангела Мојсовска (до 68 кг)
Ердона Зибери (над 68 кг)
Викторија Јовановска (екипно)
МАЖИ
Фаик Весели (до 60 кг)
Матеј Белистојаноски (до 67 кг)
Мурсел Месини (до 75 кг)
Петар Спасеновски (до 84 кг)
Стефан Стојановиќ (над 84 кг)
Данило Божовиќ (екипно)