Во конкуренција на 153 шахисти, второто место го освои ИМ Емил Ристески, а трет е ИМ Тони Лазов, двајцата од Македонија
ЗАБРЗАН ШАХ
Црногорскиот велемајстор (ВМ) Денис Кадриќ триумфира на еднодневниот меѓународен турнир во забрзан шах „Карпош 2025“, кој се одигра во хотелот „Александар Палас“ во Скопје во организација на Општина Карпош и ШК Гамбит Асеко СЕЕ. Во конкуренција на 153 учесници (шест ВМ, еден ЖВМ, седум ИМ, еден ЖИМ, 12 ФМ) од шест земји (Македонија, Србија, Црна Гора, Германија, Бугарија и Косово), по девет кола, Кадриќ (2.529 рејтинг-поени, рангиран втор пред почетокот на турнирот) освои осум поени со седум победи и две ремија, без пораз, за што му припаднаа победничкиот пехар и паричната награда од 24.000 денари.
Второто место и наградата од 18.000 денари ги освои македонскиот интернационален мајстор (ИМ) Емил Ристески (2.322, рангиран 12-ти), а третото место и наградата од 12.000 денари ја освои членот на ШК Алкалоид, ИМ Тони Лазов (2.403, рангиран четврти). И двајцата македонски репрезентативци освоија по 7,5 поени, но Ристески имаше подобар дополнителен критериум. Тие беа и единствените шахисти што успеаја да освојат половина поен од победникот на турнирот.
Наградниот фонд на турнирот, кој се играше со темпо за размислување од 15 минути, плус пет секунди по секој одигран потег, изнесуваше вкупно 100.000 денари, од кои 85.000 им беа поделени на најдобрите 10 шахисти, а 15.000 денари во вид на специјални награди во износ од по 3.000 денари им беа доделени на петмина шахисти. Г.И.