Четврти меморијален турнир „Венци Попов“

ШАХ – УТРЕ ВО ГЕВГЕЛИЈА

  • Победникот ќе биде познат по девет одиграни кола, со темпо на игра од 10 минути по играч, плус додаток од пет секунди за секој одигран потег

Фамилијата Попови во соработка со ШК 7 Ноември, утре во салата на СОУ „Јосиф Јосифовски“ во Гевгелија, го организира четвртиот меморијален еднодневен турнир во забрзан шах „Венци Попов 2025“. Турнирот, кој се игра во чест на истакнатиот гевгелиски и македонски шахист Венци Попов, ќе започне во 10.30 часот. Досега беа пријавени 153 шахисти (пет ИМ, пет ФМ, две ЖФМ) од Македонија, Србија, Германија, Албанија, Грција, Бугарија и од Косово. Победникот ќе биде познат по девет одиграни кола (швајцарски систем), со темпо на игра од 10 минути по играч, плус пет секунди за секој одигран потег, почнувајќи од првиот. Турнирот ќе се игра според правилата на ФИДЕ за забрзан шах и истиот тој ќе се рејтингува. Наградниот фонд изнесува 120.000 денари поделен на 10 дела. Победникот ќе освои 25.000, вториот 20.000, третиот 17.000 итн. Ќе бидат доделени и специјални награди од по 2.000 денари за најдобро пласиран гевгелиски шахист, најдобар млад играч до 18 години, најдобра шахистка, најдобар играч над 65 години. Лани победи ИМ Тони Лазов.

Венци Попов (1962-2013) е роден во Гевгелија. Шах научил да игра уште од мала возраст од неговиот татко Душан. Заедно со својата сестра, Нада Попова, изработиле табла и шаховски фигури од картон на која играле шах. Во 1975 година тој и неговата сестра станале членови на ШК 7 Ноември. Попов бил повеќекратен пионерски, младински и сениорски првак на Гевгелија и трикратен младински шампион на Македонија (1978, 1979, 1980), а победил на турнири кај нас и во странство. Бил претседател, играч и тренер на гевгелискиот клуб, а настапувал и за повеќе реномирани македонски шаховски клубови. Г.И.