ШАХ – ЕП ЗА МЛАДИНЦИ
Четири победи, седум ремија и 11 порази, односно 7,5 поени од можни 22 (34 отсто), е епилогот на четвртото коло на 22-та македонски учесници на Европското првенство (ЕП) за младинци (возрасните категории до осум, 10, 12, 14, 16 и до 18 години), во Будва (Црна Гора). По трите победи во низа, прв пораз со црни фигури претрпе Илијана Велева (1.560 рејтинг-поени, рангирана 52. пред почетокот на ЕП) од Ана Хрцкова (1.758, 27.) од Чешка, во категоријата до 12 години, девојчиња.
Во ова коло од Македонците цел поен освоија, до осум години, Бенјамин Брнс (1.531, 29.) против Укар Арен (90.) од Турција, до 14 години Павел Крстевски (1.807, 89.) против Лонг То Нам (1.658, 100.) од Монако, до 16 години Теодора Ѓеорѓиевска (1.463, 83.) против Инбал Гавриел (1.758, 58.) од Израел и до 18 години ФМ Антон Златков (2.350, 23.) против Вилијам Олсен (2.152, 58.) од Норвешка.
По ова коло, Велева со три поени е на 12-то место (плус 44 рејтинг-поени и играчки перформанс од 1.926). Со по 2,5 поени Бенјамин Брнс е 29-ти (плус 40 рејтинг-поени), Мајкл Брнс е 25-ти до 16 години и Златков е 33-ти. Петмина имаат по два поена и шестмина по 1,5 односно еден поен.
На ЕП 2025 играат вкупно 1.169 учесници (14 ИМ, две ЖИМ, 89 ФМ, 35 ЖФМ) од 48 држави. Г.И.
































