Шаревски беше одличен спринтер, а потоа како дипломиран дифовец стана и врвен тренер. Тој одбележа еден плоден период на клубот, кога во него созреваа идните шампиони и рекордери

НИЗ АТЛЕТСКАТА ИСТОРИЈА (3)

Во првите години од формирањето на АК Работнички, клубот помина низ еден тежок период, низ кој мораше да совлада многу пречки на кои наидуваше. Меѓутоа, благодарејќи на големата желба во клубот да никнат новите шампиони и рекордери, неколкутемина ентузијасти во првите години по Втората светска војна успеваа некако да ги убедат општествено-политичките фактори оти на атлетиката како на кралица на спортовите треба да ѝ се обрати поголемо внимание.
Во групата што го понесе најголемиот товар во настојувањето атлетскиот спорт, во случајов преку првоформираниот клуб Работнички, а потоа и АК Вардар, да го заземе она место што го заслужуваше најекспониран беше Славко Матовски, кој беше пионер на атлетскиот спорт во Македонија, активен атлетичар и рекордер во неколку дисциплини, потоа стана тренер и функционер, веднаш до него во првите редови застанаа и Никола Таневски, Петко Димитровски, кој беше и еден од првите тренери, потоа Бане Чадиковски, Бранко Димитровски, кој беше професор по физичко воспитување истовремено и познат ракометар, и уште десетина други спортски работници, кои го сфатија вистинското значење на атлетиката и не се штедеа во напорите таа да застане на здрави нозе. Откако беа создадени солидни услови за работа, се појави една плејада млади атлетичари, кои почнаа да постигнуваат вредни резултати.

Чедо Шаревски – атлетичар и тренер

Треба многу простор за да се испишат сите имиња што продефилираа во атлетскиот спорт во Скопје, посебно во АК Работнички. Но ќе се задржам на оние што со своите резултати навистина оставија печат на своето време.
Во оваа пригода, откако ги споменав оние првите што имаат голема заслуга за афирмацијата на атлетиката, мора да го споменам и Чедо Шаревски. Тој беше импресивна атлетска фигура не само како активен атлетичар, спринтер на 100 и на 200 метри, туку подоцна како еден од првите школувани тренери, со завршен Факултет за физичка култура, а истовремено беше вклучен и во сите други активности на клубот. Едноставно, во тој период, откако се врати од школувањето во Белград, Чедо стана алфа и омега во АК Работнички. Тој имаше голем авторитет меѓу атлетичарите, кој почна да расте уште од оние моменти кога ја истрча делницата од 100 метри за 11 секунди, што претставуваше и македонски сениорски рекорд.
Исто така, Шаревски доби голема популарност и по неколкуте победи на најкратката патека над големиот ас Лазо Милошевски. Но мора да се спомене оти „стотката“ не беше матична дисциплина на Лазо, кој беше најмногу препознатлив по настапите на 400 м, а неретко и на 200 м. Впрочем, тој во овие дисциплини ги бранеше и боите на југословенската репрезентација, а на 400 метри и во штафетата 4×400 метри настапи и на Европското сениорско првенство во Брисел во 1950 година. Сепак, победата на најкратката патека во дуелот со Лазо, на Шаревски му донесе голема популарност.
Потоа, знаејќи оти Чедо беше и рекордер на Македонија на 100 метри, младите атлетичари што доаѓаа во АК Работнички беа горди што токму тој им беше тренер. Кога на ова ќе се додадеше и фактот што тој стана и професор по атлетика, прво во СФШ (Средното фискултурно училиште), потоа и на Факултетот за физичка култура во Скопје, тогаш немаше никаков сомнеж оти станува збор за врвен атлетски стручњак. Потоа, низ рацете на Шаревски поминаа многу генерации идни професори и тренери, меѓу кои ќе го споменам Јован Шуков, кој не само што беше негов атлетичар туку тој го замени и на професорското место на Факултетот за физичка култура во Скопје.

Часовничар и прв професионален тренер

За тоа оти во АК Работнички немаше предрасуди кој од каде и од какво семејство доаѓа најубаво говори и примерот со првиот професионален тренер Петко Димитровски. Тој по професија беше часовничар, но беше задоен од атлетиката и не можеше без „кралицата“. Неговите физички предиспозиции беа наклонети кон фрлачките дисциплини, па, така, во првите години по Втората светска војна, кога атлетиката всушност заживеа и кај нас, Димитровски беше првиот рекордер во сите четири фрлачки дисциплини, ѓуле, копје, кладиво и диск. Беше вистинска реткост еден човек да биде не само првак во четирите фрлачки дисциплини туку и прв македонски рекордер. Но, ете, во тоа Петко успеа и затоа остави неизбришлива трага во атлетиката. Покрај тоа, откако се демобилизира од армијата, веднаш по Втората светска војна, тој покрај својата професија како часовничар, со оглед на искуството што го имаше, ја доби довербата од раководството на клубот и стана првиот професионален тренер на АК Работнички. За многумина ова можеби беше малку чудно, но кога се работеше за Димитровски, особено за оние што го познаваа и знаеја колку е тој настојчив и вљубен во она што го работи, неговиот ангажман на двете страни како часовничар и тренер не претставуваше никакво чудо. Тоа го сфатија како нешто нормално, зашто знаеја за каков човек и личност се работи.
Впрочем, и во тогашниот весник „Спортски глас“, особено во периодот од 1947 до 1951 година, постојано се наоѓаа написи за Петко Димитровски како атлетичар и тренер. Особено педантно беа бележени и објавувани неговите рекорди во фрлачките дисциплини. Тие рекорди ги доведе до одредена граница, а потоа остави истите тие да ги напаѓаат неговите следбеници.

Појавата на близнаците Поповиќ

Интересно е оти по Димитровски на сцена стапија двајцата корпулентни браќа близнаци Слободан и Радмило Поповиќ. Двајцата како да беа родени за двете фрлачки дисциплини, ѓуле и диск. Слободан, кој имаше извонредна конституција, висок 194 см и тежок 125 кг, стана рекордер во фрлање диск со 41,78 метри, а Радмило во двете, и ѓуле и диск. Нивните резултати ќе беа уште подобри доколку беа поредовни на тренинзите, но обврските кон учењето и факултетот не им го дозволуваа тоа. Сепак, двајцата еден подолг период беа неприкосновени во фрлачките дисциплини, а често на државните првенства им го загорчуваа животот на фаворитите. Од тие причини имињата на браќата Поповиќ често се наоѓаа и на страниците на спортскиот печат во поранешната држава.
Со оглед на тоа што во Македонија браќата Поповиќ немаа сериозни конкуренти, тие често се менуваа во освојувањето на шампионските титули, час во една, час во друга фрлачка дисциплина. Сепак, Радмило подолго се задржа на сцената и освои повеќе титули републички првак на Македонија. Во југословенска конкуренција, во која и да беше фрлачка дисциплина во која се натпреваруваа, постојано се пласираа во финалната група што се бореше за медалите и за државните титули.
Во истиот период кога браќата Поповиќ беа насочени кон дискот и ѓулето се појави и големиот талент за фрлање копје, Бранко Крстевски. Тој по Димитровски стана рекордер на Македонија во оваа дисциплина и првиот фрлач чие копје ја прелета границата од 50 метри, резултат што многу години беше републички рекорд. За ситуацијата да биде уште поинтересна и неговиот син Новко, кој од мал се вклучи во атлетиката, го урна рекордот на својот татко. Се сеќавам и на насловот што се појави во весниците по рекордерското фрлање на Новко – „Татко и син рекордери“.
Тоа беше она најинтересното во АК Работнички што останува забележано, а се однесува на фрлачките дисциплини во 50-тите години. Што се однесува, пак, до скокачките дисциплини треба да се истакне дека во дебармаалскиот атлетски клуб имаше и добри скокачи. Можеби ќе звучи нестварно ако кажам оти во тие години имавме натпревари и во скок со стап. Токму затоа во оваа пригода ќе споменам оти во оваа атрактивна дисциплина во името на Светислав Петровиќ имавме еден вистински ас, кој со напорна работа од 313 см стигна до рекордните 360 см. Можеби овој резултат во денешно време нема некоја вредност, но кога се знае со каков стап и на какви борилишта се скокаше тогаш, тоа претставува солиден резултат. Петровиќ имаше една цврста конституција, која му овозможуваше во моментите на прелетувањето на летвичката одлично да се приспособи и да ја совлада височината. Долго време по него на сцена се појави вардарецот Владимир Карер, кој го надмина неговиот рекорд. За жал, оттогаш, а тоа беа 60-тите години од минатиот век, оваа дисциплина кај нас не се практикува. Подоцна со стап скокаше и професорот Сефедин Амети, но неговиот настап беше повеќе од формален карактер, колку да се освои некој бод повеќе при поставувањето на републичкиот рекорд во десетобојот.
Кога сме кај скоковите да го споменеме и рекордерот во трискок Петар Митевски. Тој во 1957 година постигна резултат од 13,97 метри, што претставуваше нов рекорд, но и еден од најдобрите резултати во оваа дисциплина во поранешната држава. До појавата на Митевски рекордер во трискок беше Мирко Буневски со 13,68 метри. Интересно е оти Буневски беше сестран спортист, а се појавуваше и на патеката во скијачко трчање. Многу години подоцна на борилиштето се појави еден од најголемите атлетски таленти, Благоја Костовски-Магле, кој беше првиот Македонец што во трискок ја прелета границата од 14 метри, со скок од 14,03 м, а беше и првиот наш тркач на 110 метри со пречки што ја истрча оваа делница за помалку од 16 секунди, 15,9. Голема штета е што Магле поради тешка повреда не можеше да продолжи да се занимава со атлетиката, инаку неговите физички предиспозиции беа за многу поголеми дострели.
Идниот понеделник ќе стане збор за тркачите на Работнички, како и за женската атлетика.