Многу сме горди на она што го видовме и со нетрпение чекаме повторно следната година да работиме заедно со овој одличен тим, но на Европското првенство за кадети, кое ќе се одржи во јуни во оваа иста спортска арена, изјави потпретседателката на ЕЏУ, Родригез, при престојот во Скопје
ПО УСПЕШНО ЗАВРШЕНИОТ ЕВРОПСКИ ЈУНИОРСКИ ЏУДО-КУП ВО СКОПЈЕ
Џудо-федерацијата на Македонија (ЏФМ) изминативе шест дена беше успешен домаќин на вториот по ред европски јуниорски џудо-куп „Скопје 2024“, кој се одржа во СЦ „Јане Сандански“ во Скопје и со тоа уште еднаш ги покажа своите одлични организациски способности, кога се работи за натпреварувања од највисок ранг. Во мошне силна конкуренција настапија натпреварувачи од 26 земји, од кои 163 во машка и 106 во женска конкуренција или вкупно 269. Македонија ја претставија 19, од кои 10 во машка и девет во женска конкуренција, предводени од селекторот Александар Фузевски, а освоениот бронзен медал на Борјана Поп Атанасова (над 78 кг), на првиот натпреварувачки ден, беше само круна за успешната организација на настанот.
Признанието за успешниот организиран спортски настан, секако не изостана и од високите претставници на Европската џудо-унија, предводени од потпретседателката на Европската џудо-федерација (ЕЏУ), Португалката Катарина Родригез.
– Првпат сум во Македонија, во Скопје и навистина сум импресионирана од посветеноста и професионалната работа на ЏФМ, да го претстави овој спортски настан на толку високо ниво, преку интересот на медиумите, поддршката на локалните власти. Многу сме горди на она што го видовме и со нетрпение чекаме повторно следната година да работиме заедно со овој одличен тим, но на Европското првенство за кадети, кое ќе се одржи во јуни во оваа иста спортска арена – изјави меѓу другото Родригез при престојот во Скопје.
По завршувањето на натпреварувачкиот дел, активностите продолжија со тридневниот џудо-камп исто така во СЦ „Јане Сандански“ во Скопје, на кој учествува околу 80 џудисти од осум земји.
– Активноста со тренинг-кампот, кој се одржа во продолжение во рамките на Европскиот јуниорски џудо-куп во СЦ „Јане Сандански“, успешно заврши. Со тоа сите репрезентации и службени лица присутни на ова натпреварување го напуштија Скопје носејќи со себе силни импресии, пред сѐ од одличната организација, условите за сместување, спортската сала, како професионалниот ангажман и однос од страна на сите ангажирани лица за овој спортски настан и потоа тренинг-камп. Сите високи претставници од ЕЏУ го оценија купот со највисоки оценки и позитивни коментари. Исто така и високата претставничка и потпретседателка на ЕЏУ, Катарина Родригез, која ја предводеше целата делегација на последниот брифинг со дел од службените лица во ЏФМ, кои, пак, беа задолжени по сектори, искажаа дека ЏФМ ја оправдала довербата на ЕЏУ за доделување ваква организација, како и на Европското првенство за кадети идната година. Таа потенцираше дека сите ангажирани чинители работеле како едно семејство, дејствувале хиерархиски, со еден збор настанот го означи како најдобро организиран на ниво на ЕЏУ за годинава, од тие што се одржале досега – вели спортскиот директор на ЏФМ, Дејан Мицкоски. Г.И.