ТAЕКВОНДО
- Одлична борба, голем напредок и мотив за уште поголеми победи, изјавија од Македонската таеквондо-федерација
Давид Петковски и Бојана Велковска постигнаа голем успех на Европското првенство (ЕП) во такевондо за пионери, кое се одржа во Атина (Грција). Петковски во тежинската категорија до 36 килограми (класа А), до медал стигна забележувајќи четири победи, а во полуфиналната борба загуби од претставникот на Азербејџан, Умуд Шабазов, со 0-2 во рунди, информираат од Македонската таеквондо-федерација (МТФ).
По неговите стапки тргна и Велковска, која се покажа во одлично издание на ова континентално пионерско првенство во таеквондо. По остварените четири победи, таа во полуфиналето, во апсолутна категорија, беше поразена со 1-2, откако супериорно ја доби првата рунда, а во неизвесна борба ги загуби следните две рунди, од таеквондистка од Грција, која потоа стана и европска шампионка.
– Одлична борба, голем напредок и мотив за уште поголеми победи – изјавија од Македонската таеквондо-федерација. Г.И.































