ПО ВТОРИОТ ДЕН НА БАЛКАНИЈАДАТА ВО БАЊА ЛУКА
- Во првиот натпреварувачки ден на БП за сениори, тројца македонски каратисти ги освоија петтите места
Каратистките на КК Макпетрол и репрезентативки на Македонија, Јована Мицовска и Викторија Јовановска, освоија бронзени медали на 28. Балканско првенство (БП) за сениори и на деветтото Балканско првенство за ветерани, во Бања Лука (БиХ), во организација на Балканската карате-федерација. Медалите беа освоени на вториот натпреварувачки ден, а вчера на распоредот беа уште екипните натпревари во борби и во кати. На БП што лани се одржа во Будва (Црна Гора) во финалето во истата категорија се сретнаа токму двете Македонки (Мицовска го освои златото, а Јовановска среброто).
И двете македонски натпреварувачки настапија во тежинската категорија до 61 кг, во дисциплината борби, прикажувајќи на татамите одлична техника против своите конкурентки. Мицовска стигна до бронзениот медал откако ги победи Наила Бегановиќ (9-1) од БиХ и Ника Бешилија (1-0) од Хрватска, а загуби од Невена Филипов (1-3) од Србија. Во борбата за третата позиција, Мицовска ја совлада Корина Клариќ (3-1) од Хрватска. Сличен пат имаше и Јовановска. Таа славеше на дуелите со Суде Турал (7-0) од Турција, Надја Боричиќ од Црна Гора, поради прв добиен поен (во регуларниот тек резултатот беше 2-2) и со Миа Грета Зорко (3-2) од Хрватска. Во полуфиналето загуби од Дарија Шнајдер (1-1) од Хрватска, а во борбата за бронзениот медал беше подобра од Дуња Јововиќ (3-0) од Србија.
Во првиот натпреварувачки ден на БП за сениори, тројца македонски каратисти ги освоија петтите места, Данило Божовиќ (до 84 кг), Реџеп Рушити (до 84 кг) и Мурсел Мисини (до 75 кг). На Балканијадата во Бања Лука, боите на Македонија ги бранеа вкупно 13 каратисти, а настапија над 400 натпреварувачи од 12 земји во борби и во кати во машка и во женска конкуренција. Првиот сениорски балкански медал, бронзен, во независна Македонија, го освои сегашниот спортски директор на Карате-федерацијата на Македонија (КФМ), Гоце Петров, во 2001 година во Волос (Грција), кога во финалето го победи грчкиот претставник Пападопулос. Г.И.
































