БАЛКАНСКО ПРВЕНСТВО
- Македонија на ова првенство освои вкупно три медали, еден во екипна и два во поединечна конкуренција
Македонската репрезентација, во борби и во кати, го заврши својот настап на 28. Балканско првенство (БП) за сениори и 9. Балканско карате-првенство за ветерани во Бања Лука (БиХ) со три освоени бронзени медали, во конкуренција на повеќе од 400 натпреварувачи од 12 земји.
На третиот и последен натпреварувачки ден на распоредот беа екипните натпревари, во кои женската репрезентација на Македонија во борби, во состав Викторија Јовановска, Јована Мицовска, Рудина Алиу и Наталија Карова (резерва), го освои бронзениот медал. Претходно на ова првенство бронзени медали освоија Мицовска и Јовановска (категорија до 61 кг) во борби, поединечно.
Женскиот сениорски тим на Македонија во првото коло загуби од Србија (1-2), а во репасажниот дуел ја совлада селекцијата на Словенија (2-0). Поединечната победа против Србија ја оствари Мицовска, а против Словенија славеа Јовановска и Рудина Алиу. Тоа значи дека Мицовска и Јовановска се враќаат од Бања Лука со по два бронзени медала. Машкиот сениорски состав во борби (Данило Божовиќ, Васил Јаневски, Вукашин Јовановиќ, Мурсил Мисини, Реџеп Рушити, Стефан Стојановиќ, Петар Заборски) во првото коло загуби од БиХ (1-4). Г.И.
































