ЏУДО – ЕВРОПСКИ КУП ЗА ВЕТЕРАНИ ВО ХАМБУРГ

На ова натпреварување учествуваа околу 200 џудисти од 27 држави од три континенти

Членот на македонската џудо-репрезентација за ветерани, Марјан Димески, ги освои третото место и бронзениот медал на Европскиот куп (ЕК) во џудо за ветерани, кој се одржа во германскиот град Хамбург. Димески настапи во категоријата М7 до 90 килограми, а учествуваа околу 200 џудисти од 27 држави од три континенти. Ова е само уште еден доказ дека џудото во Македонија има долга традиција.
– Димески е еден од првите џудисти во Прилеп, член на најстариот клуб ЏК Прилеп, и своевремено освојувач на многубројни медали. Потоа заминува во Америка, каде што работи, но паралелно се занимава и со џудо-спортот на тие простори, каде што исто така е многу успешен. Во 2021 година се враќа во Прилеп и се приклучува на ветераните во ЏК Сеишин. Активно учествува на тренинзи, натпревари и на џудо-кампови. Државен првак е за ветерани за 2024 година и член е на ветеранската џудо-репрезентација – ни изјави тренерот на ЏК Сеишин и спортски директор на Џудо-федерацијата на Македонија (ЏФМ), Дејан Мицкоски.

Димески активно се подготвуваше во својот матичен клуб Сеишин и трудот даде резултат. Од денеска, тој веќе активно ќе продолжи со подготовките за претстојното Светско првенство (СП) за ветерани, кое е предвидено да се одржи во ноември годинава, во Лас Вегас (САД). Г.И.