КАРАТЕ – ГРАНПРИ-ТУРНИР „СЛОВАЧКА 2026“
- Цветковски стигна до медалот забележувајќи пет победи и еден пораз во мошне силна конкуренција
Каратистот на скопски Металург, Кирил Цветковски, постигна успех на меѓународниот гранпри-турнир „Словачка 2026“, кој се одржа викендов во Братислава, освојувајќи бронзен медал во возрасната категоријата кадети до 14 години, а тежинска до 55 кг. За квалитетот на турнирот доволно зборува фактот што на него настапија каратисти од деца до сениори, односно вкупно 375 клуба со 2.775 спортисти од 45 држави, а од Металург настапија осум каратисти до 12 и до 14 години, предводени од тренерите Амир Беговиќ, Огнен Груевски и од Румена Башчовска-Беговиќ.
– Мошне силна конкуренција од деца до сениори, а во салата имаше дури 11 татами. Генерално имавме добар настап. Сите осум натпреварувачи што се бореа поминаа по неколку кола, но резултат, односно медал освои само Цветковски, кој се претстави во одлично издание. Среќни сме и задоволни што можеме да се натпреваруваме со силни држави. Сметам дека сме на вистинскиот пат за постигнување големи победи и во иднина – ни изјави тренерот Беговиќ.
Цветковски стигна до медалот на овој турнир забележувајќи пет победи и еден пораз. Совладани беа Денис Жолоб (10-1) од Украина, Христос Еротокриту (3-0) од Кипар, Алексеј Сладки (2-0) од Словачка, Волдомир Сеико (8-2) од Украина, во полуфиналето Цветковски загуби од Бенце Гал (4-5) од Унгарија, а во борбата за бронзениот медал тој го победи Матви Касијанов (5-0) од Украина. Г.И.
































