На ЕП 2025, Бреслиева забележа четири победи и еден пораз
КАРАТЕ – МЛАДИНСКО ЕВРОПСКО ПРВЕНСТВО
Македонската каратистка, кадетката Душица Бреслиева (категорија до 54 кг), членка на КК Штип од Штип, постигна огромен успех на Европското првенство за кадети, јуниори и за помлади сениори (до 21 година) во борби и во кати, во Бјелско-Бјала (Полска), освојувајќи го бронзениот медал. Таа беше и единствената каратистка во сите три конкуренции што освои медал во македонската експедиција, која имаше 35 учесници.
Предводена од селекторот Дејан Ристески, Бреслиева стигна до медалот откако забележа четири победи и еден пораз. Така, во првото коло ја совлада Иларија Бијанко (8-1) од Италија, во второто беше подобра (со предност) од Пиа Думитрас од Швајцарија откако резултатот беше 5-5, а во третото беше подобра од Леонор Гонкалвеш (2-0) од Португалија. Во полуфиналето по голема борба минимално загуби од Софија Халиевска (2-3) од Украина. Во борбата за третото место Бреслиева ја совлада Мерјем Тунџај од Турција со 5-4.
Помладиот сениор, исто така од КК Штип, Љупче Михајлов (до 75 кг), во борбата за бронзениот медал, тесно, со 2-3, загуби од Исмаил Жолота од БиХ. Претходно, предводен од селекторот Петар Белистојаноски, тој во првата борба го победи Лазар Јововиќ (1-0) од Црна Гора, потоа Петар Орландиќ (3-2) од Србија, а во третата и Иго Асемат (3-1) од Франција. Во настојувањето да влезе во финалето минимално загуби од Лопез Френандез (2-3) од Португалија и потоа го освои петтото место. Од другите македонски каратисти и каташи што настапија на татамите, освоени се шест седми места, а покрај Михајлов петто место освои и Сара Дука (до 21 год.) од КК Дибра.
На ланското Европско првенство во Тбилиси (Грузија), членот на КК Макпетрол, Витомир Трајковски (до 84 кг) во категоријата помлади сениори (до 21 година), се закити со сребро. Тој, исто така, беше единствениот македонски каратист од вкупно 28-те на тоа ЕП што освои медал во конкуренција на 1.160 натпреварувачи од 49 држави, забележувајќи четири победи и еден пораз. На ЕП 2025 во Полска настапија 1.208 каратисти од 49 држави. Г.И.