Важно е да се напомене дека Ива е прва година во оваа возрасна група (јуниори), а
веќе го освои и првиот медал на европски куп, вели нејзиниот тренер Игор Паскоски
ПО ПРВИОТ ДЕН НА ЕВРОПСКИОТ КУП ВО ЏУДО ЗА ЈУНИОРИ „СКОПЈЕ 2025“
Македонската репрезентативка и членка на џудо-клубот Миоки од Скопје Ива Богдановска постигна огромен успех на Европскиот куп за јуниори „Скопје 2025“, кој викендов се одржа во СЦ „Јане Сандански“, освојувајќи бронзен медал во категоријата до 63 кг. До успехот Богдановска стигна откако оствари четири победи од пет борби на татамите, од кои три во репасажот, што само ја покажува тежината на освоениот медал.
– Ова е многу значаен медал за македонското џудо, а патот до медалот беше навистина многу тежок. Ива имаше пет борби, во кои оствари четири победи во категоријата до 63 кг, каде што настапија 17 џудистки. Во првата борба беше поуспешна од претставничката на Црна Гора Ведрана Прашчевиќ. Во втората борба беше поразена од второпласираната на овој куп, Ленка Томанкова од Словачка. Во третата борба (репасаж) ја совлада Фјорабла Марку од Албанија, а во борбата што водеше до финалниот блок, Ива беше поуспешна од Јаде Зенгал од Франција. Во финалниот блок во борбата за бронза, по долга и исцрпувачка борба во т.н. „голден скор“, Богдановска успеа да излезе како победничка против Сејда Ватансевер од Турција и се закити со медал. Факт е дека три од вкупно петте борби ги доби во „голден скор“, што се должи на нејзината одлична кондициска подготовка. Важно е да се напомене дека Ива е прва година во оваа возрасна група (јуниори), а веќе го освои и првиот медал на европски куп. Горд сум на неа, ова е голем успех за сите нас – ни изјави Игор Паскоски, тренер на ЏК Миоки, кој беше назначен и како официјален тренер и како таков ја водеше Богдановска во борбите, додека селектор на јуниорската репрезентација на Македонија беше Александар Фузевски.
Своето задоволство од постигнатиот успех не го криеше ни Богдановска.
– Многу сум среќна што успеав да освојам трето место на Европскиот куп за јуниори. Борбите беа многу тешки и исцрпувачки, но дадов сѐ од себе и успеав да стигнам до медал. Секој натпревар ми е ново искуство и учење, а овој медал ми дава уште поголема мотивација да продолжам напред кон уште поголеми успеси. Горда сум што освоив медал за Македонија и нашата џудо-федерација, а секако најголемите заслуги за ова ги имаат џудо-клубот Миоки, моите клупски другари со кои се подготвував и мојот тренер – рече Богдановска.
На Европскиот куп за јуниори, кој заврши вчера, настапија уште шест македонски џудисти. Над 300 млади џудисти од повеќе од 25 земји се бореа за бодови и за слава на патот кон европските и светските првенства. По неодамнешната одлична организација на Европското првенство (ЕП) за кадети, ова е уште едно значајно натпреварување што ѝ е беше доверено на Џудо-федерацијата на Македонија (ЏФМ), а на 20 и 21 септември ја очекува уште едно големо натпреварување, Европскиот куп за сениори. Г.И.

Трпаноски: Горд сум што можеме да го организираме ова значајно натпреварување
Во саботата свечено беше отворен Европскиот куп во џудо за јуниори „Скопје 2025“ во организација на Џудо-федерацијата на Македонија (ЏФМ). Овој значаен настан за отворен го прогласи претседателот на ЏФМ, Владимир Трпаноски, кој ги поздрави присутната публика и учесниците, нагласувајќи ја важноста на овој куп како платформа за развој на младите таленти во џудото.
– Џудото е спорт што не само што ги тестира физичките способности туку и го формира карактерот на спортистите. Горд сум што можеме да го организираме ова значајно натпреварување, кое е од клучно значење за Македонија и за иднината на македонското џудо – рече меѓу другото Трпаноски во своето обраќање. Г.И.