Третото место ѝ донесе на Рељиќ 3,6 поени за олимписката ранг-листа, на патот кон пласман на Летните олимписки игри во Лос Анџелес (САД) во 2028 година
ТАЕКВОНДО – Г1-ТУРНИР ВО ИНСБРУК
Најдобрата македонска таеквондистка, репрезентативка и олимпијка Милијана Рељиќ викендов во австрискиот град Инсбрук на Г1-турнир постигна нов голем успех, освојувајќи го бронзениот медал во тежинската категорија до 62 килограми. Турнирот во Инсбрук е еден од најсилните и, по три учества, Рељиќ освои медал.
Со освоеното трето место на овој турнир во Австрија, Рељиќ е сѐ поблиску до пласман на Летните олимписки игри (ЛОИ) во Лос Анџелес (САД) во 2028 година. Членката на скопскиот таеквондо-клуб Тигри, предводена од нејзиниот тренер Александар Ефтимов, со овој пласман на турнирот во Инсбрук освои нови 3,6 поени за олимписката и за светската ранг-листа, па, така, таа моментално е на 12-та позиција на олимписката ранг-листа, а на светската котира на 11-то место.
– Ова беше последен турнир за оваа полусезона и Рељиќ ја круниса со медал. Во одлична форма е и по кратка пауза од неколку дена ќе продолжиме со одржување на формата. За летово се планирани неколку тренинг-кампа, ќе видиме каде и колку дена. Главен фокус сега ни e гранпри чeлинџ-турнирот на крајот на август во Кореја. Таму се освојуваат дополнителни поени за олимписката ранг-листа. Дотогаш имаме два месеца, не многу долг период за подготовка за таков голем турнир. А за годинава најбитен турнир ни е Светското првенство во октомври, во Кина, за кое ветуваме дека ќе одиме на медал. Секој тренинг, секоја борба, секој пад и секое станување се дел од патот што води до Летните олимписки игри во 2028 година во Лос Анџелес – вели Ефтимов.
На турнирот во Инсбрук, во првото коло Рељиќ ја совлада германската натпреварувачка Ангелина Хуш, во четврт-финалето беше поуспешна од Хрватката Хелена Кичема, а во полуфиналето Македонката загуби од Еквадорката Мел Мина.
Претходно, Рељиќ настапи на Г1-турнир во мај годинава, кој се одржа во Кристијанстад (Шведска), каде што го освои второто место и со тоа впиша нови 7,2 поени за олимписката ранг-листа од квалификациите за настап на ЛОИ 2028. Г.И.