ЏУДО – ПО ПРВИОТ ДЕН НА БАЛКАНИЈАДАТА ЗА ПИОНЕРИ
- Димитријоски покажа исклучителна подготвеност и борбен дух на татамите, забележувајќи пет победи од вкупно шест борби
Македонскиот џудист, член на клубот Пролетер, Марко Димитријоски освои бронзен медал во тежинската категорија до 46 килограми по првиот ден на Балканското првенство (БП) за пионери, кое се одржа изминатиот викенд во Будва (Црна Гора). Во конкуренција на најдобрите џудисти од регионот, Димитријоски покажа исклучителна подготвеност и борбен дух на татамите, забележувајќи пет победи од вкупно шест борби, што претставува голем успех за македонското џудо, неговиот клуб и, секако, за Џудо-федерацијата на Македонија (ЏФМ).
Димитријоски на Европскиот куп за пионери и за помлади пионери одржан во Сараево (БиХ) во април годинава исто така постигна голем успех, освојувајќи ги второто место и сребрениот медал меѓу 258 џудисти и 124 џудистки од 99 клуба од 17 држави, кои настапија во три возрасни категории, што само потврдува дека станува збор за голем талент во џудо-спортот.
Македонската пионерска репрезентација на Балканијадата во Будва ја претставуваа седум натпреварувачи, кои настапија во два натпреварувачки дена: Марко Димитријоски, Филип Митревски, Ангел Стојовски, Марија Китевска, Марија Ангелова, Дила Пупаловиќ и Јована Цветкоска, предводени од селекторот Игор Димитријоски.
Овој настап на Балканското првенство наедно беше важен настан за младите џудо-надежи, кои имаа можност да се натпреваруваат со најдобрите џудисти од Балканот и да стекнат драгоцено меѓународно искуство. На Балканијадата правдата ја делеше и македонскиот судија Сашо Димовски. Г.И.