ЗОИ 2026
- Брињоне падна во велеслаломска трка во април лани, при што имаше повреда на левата нога, а по долгото заздравување, во јануари се врати во Светскиот куп и вчера триумфира во супервелеслалом на ЗОИ 2026. Таа претходно на ЗОИ освои едно сребро и две бронзи
Долгото и болно искачување на италијанската скијачка Федерика Брињоне кон врвот е комплетирано, откако 35-годишната алпска скијачка го освои првиот златен олимписки медал во својата трофејна кариера, со победата во трката во супервелеслалом вчера, на Зимските олимписки игри (ЗОИ) во Милано и во Кортина д`Ампецо, пишува агенцијата „Асошиејтед прес“ (АП).
Помалку од една година откако скрши повеќе коски на левата нога, што резултира со две операции и со месеци рехабилитација, Брињоне најбрзо ја извозе тешката техничка патека Трофане, пишува АП. Сребрениот медал го освои Романе Мирадоли од Франција, а бронзениот Корнелија Хуетер од Австрија.
Победата на Брињоне ја направи највозрасна скијачка освојувач на златен медал во женска алпска трка, пишува АП.
Златото е наедно и нејзин четврти олимписки медал. Брињоне освои сребро во супервелеслалом и бронза во алпска комбинација на ЗОИ во Пекинг пред четири години. Таа исто така освои бронза во супервелеслалом на ЗОИ во Пјонгчанг во 2018 година. Со четирите медали под олимписките кругови Брињоне сега се изедначи со Дебора Компањони за најмногу медали освоени од италијански скијачки, пишува АП.
Брињоне беше една од четирите знаменосци за Италија за време на церемонијата на отворање на ЗОИ 2026.
Таа падна во велеслаломска трка во април лани. По долгото заздравување, Брињоне се врати во Светскиот куп во алпско скијање две недели пред почетокот на ЗОИ 2026, во јануари, кога го освои шестото место во трка во велеслалом, потоа и 18. место во супервелеслалом. На ЗОИ 2026 пред неколку дена беше 10-та во трката во спуст.
Италијанската алпска скијачка досега забележа 37 победи во трки од Светскиот куп, и тоа 17 во велеслалом, 13 во супервелеслалом, пет во алпска комбинација и две во спуст. Таа е двократна победничка во генерален пласман во Светскиот куп, во 2020 и 2025 година, има две титули од светските првенства во алпско скијање (во алпска комбинација во 2023 година и во велеслалом две години подоцна)… Н.М.































