ОДБОЈКА
- Чест ми е што бев прогласена за најкорисен играч и на двата натпревара со Гацко. Се работи за индивидуална награда, но јас на неа гледам како признание за целиот тим, вели одбојкарката Бошковска
Многу ме радува големата победа над Гацко и на гостински терен и пласманот во следната рунда од квалификациите за Лигата на шампионите. Чест ми е што бев прогласена за најкорисен играч и на двата натпревара. Се работи за индивидуална награда, но јас на неа гледам како признание за целиот тим, за нашата борбеност, пожртвуваност и истрајност. Покрај осцилациите во играта и тешките моменти со кои се соочивме, покажавме карактер и успеавме да испишеме историски успех за македонската женска клупска одбојка – вели лидерката на Јанта Волеј, Мери Бошковска, пренесе Одбојкарската федерација на Македонија (ОФМ).
Македонскиот женски одбојкарски првак Јанта Волеј испиша историја со пласманот во третата рунда од квалификациите во Лигата на шампионите (ЛШ). Дебитантот не само што успешно ја мина првата пречка, а тоа е Гацко од Требиње (БиХ), со по две победи со 3-2 во сетови, туку во своите редови ја имаше и најдобрата одбојкарка на двата меча, репрезентативката Мери Бошковска. Екипата веќе викендов ја очекуваат обврските во националното првенство, но и во продолжението од елитното натпреварување, следува нов, уште посериозен противник. Сепак, имаат премногу причини да бидат горди и задоволни.
Француски клуб Волеро ле Кане е следниот противник со кој македонскиот шампион ќе се соочи во следната фаза од ЛШ.
– Голем предизвик за нас ќе биде двомечот со француската екипа Волеро ле Кане, која има исклучително квалитетен ростер, со многу странски одбојкарки. Ќе пробаме да го извлечеме максимумот од нас и да уживаме во секој момент на теренот во тие дуели – додаде коректорот на Јанта Волеј, Бошковска.
Натпреварите со Волеро ле Кане во третото коло од ЛШ, скопјанки ќе ги играат на 13 ноември на гостински терен, додека реваншот е една недела подоцна на домашен терен во Скопје. Г.И.


































