Смилевски почна како боксер, а потоа постигна добри резултати и како тренер. Како активен боксер имаше неколку борби од кои во најголемо сеќавање му останаа дуелите со Белџигеров и мечот со Полјакот Василевски. Прв тренер му беше Страхил Андреевски, конструкторот на првиот ринг во Македонија

Миле Смилевски (1)

На македонскиот ринг веднаш по Втората светска војна, па до денешно време продефилираа многу талентирани боксери. Некои стигнаа и до светските височини, како Аце Русевски, Азис Салиху, Реџеп Реџеповски, кои освоија и олимписки медали, потоа Мумин Вели, кој се закити со две бронзи од европските првенства, а Македонија во името на Тони Насковски имаше и европски професионален првак. Сите тие, со уште десетина одлични боксери, го афирмираа македонскиот спорт и со своите резултати се запишаа во македонската боксерска историја.
Во групата квалитетни боксери посебно место зазема Живко Дуковски, кој беше прв Македонец што стигна до едно финале на првенствата на Југославија и го освои второто место. Во исто време, со своите шампионски квалитети се истакнуваа уште Бранко Фијат, кој еден период боксуваше и за Црвена звезда и Перо Трајковски, кој потоа застана на кормилото на БК Вардар и тука стана еден од најомилените тренери во Македонија.
Подоцна на гореспоменатите имиња се придружија и Демиров, Ѓаковски, Калач, Лимановски (прв учесник на европско првенство за сениори, во Катовице, во 1975 година), Реџепагиќ, Василев, Јакупи, Асанов, Рустемов, Керимов, Митевски, Јаневски, Димовски и уште десетина боксери, кои имаа забележителни резултати не само во југословенска туку и во меѓународна конкуренција.

Мирослав Петровиќ – тренер на шампиони

Во годините кога боксот со брзи чекори одеше напред, се разбира имаше и квалитетни тренери. Предводник на тренерската фела беше повратникот од Египет, Страхил Андреевски, за кого пишував дека беше првиот боксерски тренер и конструктор на првиот ринг во Македонија.
Меѓутоа, не треба да се заборави и една личност што се појави кон крајот на 50-тите години, а зрачеше со голем ентузијазам и љубов кон боксот. Станува збор за Мишо Мојсов, човек што имаше своја автомеханичарска работилница, но боксот му беше голема спортска љубов уште од младоста. Токму тој човек беше иницијатор за формирање на БК Младост, кој во тоа време беше пандан на првоформираниот боксерски клуб Трговски. Мишо беше човек што придонесе боксот да добие многу млади приврзаници, кои претежно доаѓаа од пониските социјални слоеви. За сите нив „благородната вештина“ значеше отворен пат кон афирмацијата.
Потоа, со тренерската работа почнаа да се занимаваат и поранешните боксери, Живко Дуковски, кој беше тренер на БК Скопје, кога овој клуб се натпреваруваше во Втората сојузна лига на Југославија, Живорад Шишковиќ, кој, исто така, откако ги остави ракавиците почна да работи како тренер во истиот клуб, во Штип со тренерската работа се занимаваше Чурлинов, а во Битола големиот ентузијаст Христо Димитровски, кој кон крајот на 80-тите години од минатиот век со битолски Пелистер се натпреваруваше и во Првата југословенска лига.
Сепак, од сите тренери што во минатото продефилираа на македонската боксерска сцена со најголеми резултати беше, за жал покојниот, Мирослав Петровиќ. Тој во почетокот на 70-тите години од минатиот век замина во Куманово каде што создаде една силна генерација предводена од Аце Русевски, Сами Лимановски и Реџеп Јакупи, боксери со кои Петровиќ се пласира во Првата југословенска лига, за подоцна да го открие и големиот талент Реџеп Реџеповски.
Нема сомнение оти покојниот Петровиќ беше тренер со големи квалитети, кој знаеше да ги препознае и да ги насочи на вистинскиот пат младите боксери. Кога на ова ќе се додаде оти тој му беше тренер и на легендарниот Мате Парлов, и тоа во годините кога тој се пробиваше меѓу елитните боксери, тогаш сѐ ќе стане јасно со какви тренерски квалитети располагаше Петровиќ. Добро е што кумановците не го забораваат Мирослав Петровиќ и во знак на сеќавање на него секоја година во Куманово, градот во кој остана сѐ до крајот на животот, се одржува меморијален турнир, кој го носи неговото име.

Смилевски – тренер, како родител

Со оглед на тоа што боксот, како што напишав погоре, е еден од посиромашните спортови, често на тренерите им останува тие да се борат да обезбедат егзистенција за своите клубови. Вакви случаи има многу, а еден од највпечатливите е примерот со Миле Смилевски. Тој во младите години беше активен боксер, кој имаше забележителни настапи, за кои ќе стане збор нешто подоцна, за потоа кариерата да ја продолжи како тренер.
Своите врвни тренерски квалитети Смилевски ги манифестира преку „двоецот“ Тони и Тони (Насковски и Јаневски) со кои учествуваше на неколку аматерски европски и светски првенства, за потоа како професионални боксери двајцата да ги доведе до европскиот врв. Тој не беше само тренер на своите боксери, туку беше како родител, кој настојуваше неговите пулени да зачекорат и на вистинскиот пат во животот.
– Јас уште во средношколските денови почнав да се занимавам со „благородната вештина“. Токму тој збор „благородна“ ме привлече, зашто и јас така го сфаќав боксот со сите свои благородни елементи. Иако ситуацијата на рингот налага со боксови да се освојуваат поени за да се дојде до победата, сепак, има моменти кога малку треба да сопреш и да размислиш, ако веќе противникот е беспомошен дали и понатаму фајтерски да одиш да го доуништиш? Ова во никој случај не е спортски и затоа тука треба да преовлада она благородното кај боксерот што е доминантен на рингот. Откако тој ќе почувствува оти ривалот е разоружан и беспомошен, треба мирно и елегантно да го доведе мечот кон својот крај. Не да оди со „убиствени“ напади и натаму… – вели во почетокот на својата спортска приказна Мие Смилевски.

Почеток во училишната боксерска секција

Можеби за денешнава младина ќе звучи малку чудно она што ми го кажа Миле во почетокот од разговорот. Да бидам искрен и јас се зачудив. Имено, ме изненади фактот што во гимназијата „Орце Николов“ меѓу другите спортски секции имало и боксерска. И токму во таа секција Смилевски го имал првиот контакт со боксот.
– Имав среќа да „налетам“ на првиот боксерски тренер во Македонија Страхил Андреевски. Тој беше голем познавач на боксот, а го добил неопходното искуство во Египет, каде што неговото семејство било на печалба. Таму Страхил почнал да се занимава со боксот во кој постигнал извонредни резултати. Тој бил аматерски, а подоцна и професионален првак не само на Египет туку и на земјите во Северна Африка (Тунис и Алжир). Со еден таков човек беше навистина милина да се работи. Можеби токму поради тоа што Страхил беше една благородна личност, збогатена со боксерско искуство, во гимназиската секција имаше голем број млади вљубеници во боксерскиот спорт. Некои од нив останаа подолго, а другите што беа дојдени повеќе од љубопитност да видат какво е чувството да се занимаваш со бокс заминаа на друга страна и се зачленија во другите секции. Јас останав тука и прашање на време беше кога ќе станам член на БК Вардар, клуб во кој покрај Страхил работеа уште двајца легендарни боксери Миле Андреевски-Штука и Перо Трајковски. Меѓу тренерите имаше добра соработка, па така, и ние боксерите трениравме во една убава спортска атмосфера. По првите искуства на рингот, патот ме одведе во БК Вардар. Овде за моите тренинзи беше задолжен Штука, но тој поради работните обврски не можеше да биде секогаш присутен на тренинзите, па него го заменуваше Трајковски. Страхил имаше време само да ја контролира ситуацијата во клубот. Од активното занимавање со бокс, кога поминав во БК Скопје, особено ми останаа во сеќавање тренинзите со легендарниот Живко Дуковски. Тој беше личност што вечно ќе зрачи на македонското боксерско небо – вели Миле.
Во следниот понеделник ќе ги пренесеме оние најинтересните настапи на рингот, а и моментите од тренерската кариера на Миле Смилевски, кој во еден подолг период беше тренер на Тони Насковски и на Тони Јаневски, кои по аматерската кариера успешно зачекорија и на професионалната сцена.


Миле Смилевски

Роден: во 1955 година во Охрид
Кариера: БК Вардар, БК Скопје, БК Куманово (во Прва лига), Боксерската секција на гимназијата „Орце Николов“, БК Водно
Успеси: Првак на Македонија во младинска категорија и пет пати во сениорска конкуренција, неколку значајни победи на меѓународни турнири, меѓу кои и на „Златниот гонг“. Носител е на наградата „13 Ноември“ на Скопје
Тренерска кариера: БК Водно, репрезентација на Македонија, тренер на два големи аса, Тони Насковски (интерконтинентален профи првак) и Тони Јаневски, со кои настапи на Европското првенство во Вејле и на Светското првенство во Берлин