Иако припаѓа во возрасната група кадетки, Богдановска освои медал во јуниорска конкуренција, вели нејзиниот тренер Игор Паскоски
ЏУДО – ПО БРОНЗЕНИОТ МЕДАЛ НА БАЛКАНИЈАДАТА
Македонската џудо-репрезентативка Ива Богдановска (17) блесна на Балканското првенство (БП) за јуниори, викендов во Тирана (Албанија). Членката на скопскиот клуб Миоки, под водство на искусниот македонски селектор Александар Фузевски, во тежинската категорија до 63 кг освои бронзен медал, забележувајќи три победи и еден пораз, а за бронзата беше поуспешна од претставничката на Грција, со што ѝ го донесе единствениот медал на Македонија на ова натпреварување.
– Конкуренцијата беше многу тешка, особено во мојата група. Во првите две борби имав тешки ривалки, а победите ги остварив во т.н. голден скор, односно по истекот на четирите минути борба, по што се пласирав во полуфиналето, каде што загубив. Борбата за бронзениот медал беше неизвесна и траеше долго, а повторно славев со голден скор, односно кој прв ќе освои поен во продолжението на борбата. Сепак, успеав да искористам грешка на противничката од Грција и да ја победам. Иако мојот тренер не беше на тренерското столче, неговото присуство на првенството беше пресудно да освојам медал. По ждрепката, заедно ги анализиравме противничките, а за време на борбите ги следев неговите инструкции. Многу сум среќна, ова е мој прв медал на поголем јуниорски натпревар – ни изјави Богдановска.
Задоволството не го криеше и нејзиниот клупски тренер Игор Паскоски.
– Иако припаѓа во возрасната група кадетки, Богдановска освои медал во јуниорска конкуренција. Имаше четири исклучително тешки борби, од кои извојува три победи. Овој медал е само показател за потенцијалот на Богдановска, во кој треба дополнителна поддршка од Џудо-федерацијата на Македонија – вели Паскоски.
Богдановска има повеќе значајни успеси, а најдобар нејзин резултат е второто место на Континентален куп за кадетки во Тунис годинава. Од преостанатите позначајни резултати годинава треба да се напоменат освоеното сребро на Балканијадата за кадетки и бронзата на Балканијадата за јуниори, а во 2023 година го освои првиот балкански медал, бронзен за кадетки.
Г.И.