Најзначаен успех во 2024 година е второто место на клубот во генерален пласман на ниво на Македонија, а тројца наши члена се прогласени за најуспешни џудисти во своите возрасни категории на ниво на ЏФМ, вели тренерот на клубот Дејан Мицкоски

УСПЕШНА ГОДИНА ЗА ЏУДО-КЛУБОТ СЕИШИН

Џудо-клубот Сеишин од Прилеп на пригодна свеченост им додели награди на своите најдобри натпреварувачи/ки во 2024 година, признанија за заслуги и помагачи на клубот, ги елаборира постигнатите резултати и другите активности за годинава, а патем одржа и полагање за ученички појаси.
– Во натпреварувачката 2024 година Сеишин учествуваше на осум државни првенства и освои 67 медали, 26 злата, 16 сребра и 25 бронзи, потоа на 14 меѓународни турнири, од каде што донесе 122 медала, 35 злата, 29 сребра и 58 бронзи, шест балканијади (12 члена на клубот како репрезентативци), со освоени два златни медала и по едно петто и седмо место, два европски купа, и тоа за јуниори/ки во Скопје, каде што во составот на репрезентацијата учествуваше еден наш член (без пласман), и за ветерани во Хамбург, со едно трето место. На овие првенства се освоени вкупно 192 медала и три пехари. Најзначаен успех во 2024 година е второто место на клубот во генерален пласман на ниво на Македонија, а тројца наши члена се прогласени за најуспешни џудисти во своите возрасни категории на ниво на ЏФМ. Тоа се Тaмара Илиоска (пионерки), Михаил Стојановски (кадети) и Марјан Димески (ветерани) – информира тренерот на Сеишин, Дејан Мицкоски.
Клубот годинава, традиционално, по 14-ти пат, го организира и меѓународниот турнир „Прилеп град херој 2024“ со настап на 300 натпреварувачи од 30 клуба од осум држави.
– Особено е значајно што на него присуствуваа специјални гости, пет странски еминентни џудо-стручњаци од Србија носители на многу европски, светски и олимписки титули. Првпат на турнирот учествуваа и екипи од Грузија, Шкотска и од Кипар, што беше од особена важност за кревање на квалитетот, а патем беа од држави надвор од Балканот. Клубот организира и два турнира на клупско ниво, пролетен и есенски, а годинава беше и технички организатор на две државни првенства. Некои од членовите и стручните лица на Сеишин, во рамките на организацијата на ЏФМ на балканските првенства за помлади пионери/ки во Битола и на Европскиот куп за јуниори во Скопје, дадоа голем придонес во организациските активности – велат од Сеишин.

Клубот со свои претставници учествуваше и на три меѓународни џудо-кампа (во Бугарија, БиХ и во Македонија), а стручните лица учествуваа на два семинара за лиценцирање џудо-тренери и судии, а одржаа и три заеднички џудо-тренинзи со други клубови. Стручни и делегирани лица на клубот што извршуваат функции во телата и органите на ЏФМ активно партиципираа во сите тековни случувања што ги организира Федерацијата.
– Сеишин годинава организира едно полагање за ученички појаси со своја тричлена стручна комисија и претставник од ДАН-комисијата при ЏФМ, а наши членови присуствуваа на полагањето за еден КЈУ и ДАН-појаси пред ДАН-комисијата на ЏФСМ, каде што се стекнаа со повисоки степени/појаси. Сеишин традиционално и годинава го одбележа 28 октомври, Денот на џудо-спортот, под мотото „Благосостојба“. Клубот годинава настапи и на неколку настани од хуманитарен аспект, во соработка со други граѓански организации, а наши членови присуствуваа и на меѓународни џудо-настани, манифестации и промоции. Сеишин во преодниот рок за време на новогодишните и на божиќните празници ќе направи кратка пауза за своите членови, а потоа ќе почне со интензивни тренинзи и подготовки за новата натпреварувачка 2025 година. На спортски план планираме програма со поинтензивни настапи на меѓународно ниво – рече Мицкоски, кој е и спортски директор во ЏФМ. Г.И.