фото: Нова Македонија

По првите четири кола во забрзан шах води првиот фаворот, екипата на МГД1 со максимални осум бода

ПОЧНА ЕКИПНОТО СП ВО ЗАБРЗАН И БРЗ ШАХ

Турскиот велемајстор (ВМ) Едиз Гурел (16) го победи ВМ од Франција Максим Вашер-Леграв, додека интернационалниот мајстор (ИМ) од Аргентина, Фаустино Оро (11) го совлада ВМ од Чешка, Давид Навара, на почетокот на Светското екипно првенство (СП) во забрзан и брз шах, што се игра во Лондон. Тимот на МГД1 на чело со индискиот ВМ Арјун Еригаиси е на врвот на табелата со единствен совршен резултат од четири победи по толку одиграни кола од вкупно 12, откако фаворитите ВР Чес, на чело со францускиот ВМ Алиреза Фирузја, се еднакви со екипата на Фридом на индискиот ВМ Вишванатан Ананд. Нивниот дуел заврши 3-3.

На СП во забрзан шах учествуваат 52 екипи составени од по шест играчи. Секоја екипа мора да има барем една женска табла и еден „рекреативен играч“, со рејтинг не поголем од 2.000 поени, а временската контрола е 15 минути плус 10 секунди за секој одигран потег. Темпото во брз шах пак, е три минути плус две секунди по играч, а започнува со екипи кои играат прво кружен систем во групи, пред првите 16 да продолжат по нокаут-систем, каде што секој дуел вклучува два мини-натпревара.

Иако фаворитите по рејтинг генерално имаа силен настап засега, имаше и значајни поединечни изненадувања, при што неколку супер-велемајстори испуштија поени од значително пониско рангирани противници. Така Гаваин Џонс, еден од најсилните британски ветерани загуби од Монголката Сумија Билгун, која има 200 поени понизок рејтинг. Петкратниот казахстански првак, Дармен Садвакасов (2.587), загуби од Лу Миаоји (2.240) од тимот на Туркиш ерлајнс. ВМ од Индија, Пентала Харикришна ремизираше против ФМ Сумија Чингун. Максим Вашер-Леграв, поранешен светски првак во брз шах, загуби од 16-годишната турска ѕвезда Едиз Гурел. Американецот Хикару Накамура (2.734) брзо ремизираше со Турчинот Јагиз Кан Ердогмус, кој е со 300 поени понизок рејтинг. Шпанецот Алексеј Широв целосно ја погреши победничката позиција против пониско рангираниот со 350 поени, Ганзориг Амартувшин.

На женската табла, европската првенка, Србинката Теодора Ињац од екипата Фридом ремизираше со поранешната светска шампионка, Швајцарката Александра Костењук. Вкупниот награден фонд е 500.000 евра, од кои 310.000 се наменети за забрзан шах, а 190.000 евра за брз шах.

Табела по првите четири кола: МГД1 8, ВР Чес тим 7, Фридом 7, Малкомс меитс 7, КазЧес 6, Хекаминд 6, Узбекистан 6 бода итн.

Г.И.