ИНТЕРВЈУ: ЃОКО ДИНЕСКИ, ТРЕНЕР И СЕЛЕКТОР НА МАКЕДОНСКАТА РЕПРЕЗЕНТАЦИЈА

  • За сезонава веќе се на повидок подобри резултати. Очекувањата се секој од биатлонците да го постигне најдобриот резултат според своите можности, да се реализираат предвидените норми на ИБУ во силната конкуренција и посебно да се истакнат со резултати нашите моментно најдобри биатлонци, Гиноски, Петрушу и Најденоски, вели селекторот и тренер Динески

Поранешниот македонски натпреварувач во нордиско скијање, а сега тренер и селектор на македонските биатлонци, кој од ноември 2021 г. ја извршува и функцијата спортски директор на Биатлон-федерацијата на Македонија (БФМ), Ѓоко Динески, и годинава ги преводи најдобрите македонски биатлонци на меѓународните натпревари. Со своето долгогодишно искуство како поранешен натпреварувач во нордиско скијање, каде што бил повеќекратен шампион на Македонија, како и учесник на две Зимски олимписки игри (ЗОИ) како натпреварувач, во 1998 во Нагано и во 2002 година во Солт Лејк Сити, а како тренер на четири ЗОИ, во Торино во 2006 година, Ванкувер во 2010-та, Сочи во 2014-та и во Пјонгчанг во 2018 година, драгоцени се неговите совети за македонските биатлонци да напредуваат и да постигнуваат што подобри резултати.
За тоа кои се плановите во сезонава, за подготовките, можностите и за квалитетот на најдобрите, досегашните настапи, што сѐ е потребно за побрз напредок на овој спорт во Македонија…, разговаравме со Динески, кој веќе 20 години е спортски директор на традиционалниот „Мавровски меморијал“, а сега ги врши функциите технички делегат на Интернационалната биатлон-унија (ИБУ) со седиште во Салцбург, како и технички делегат на ФИС за нордиско скијање. Од март 2023 година успешно ја заврши и тренерската Академија на ИБУ и се стекна со сертификат од прво ниво во светски рамки.

Кои се Вашите очекувања од македонските биатлонци до крајот на годината, како и во следната, на натпреварувачки план?
– Во натпреварувачката сезона 2025/2026 имаме наши претставници во ИБУ-купот и ИБУ јуниор-купот. Во ИБУ-купот се натпреваруваат Благоја Најденоски, Павле Коруноски и Михаела Даноска, а во ИБУ јуниор-купот се Петар Гиноски, Тео Петрушу, Душан Божиноски, Александар Јорданоски, Ружица Илијоска и Јована Николоска. Очекувањата од сезонава се секој од биатлонците да го постигне најдобриот резултат според своите можности, да се реализираат предвидените норми на ИБУ во силната конкуренција и посебно да се истакнат со резултати нашите моментно најдобри биатлонци Гиноски, Петрушу и Најденоски.

Каде се подготвувавте пред почетокот на сезонава?
– Подготовките за биатлон траат речиси цела година. Нашите најдобри биатлонци почнаа со подготовки уште на крајот на април. Следуваа интензивни и континуирани подготовки во Крушево, Банско, Покљука, Бесанс и во Обертилиjaх. Првпат сезонава нашите најдобри биатлонци ги вклучивме во заеднички подготовки со хрватската селекција и нивниот најдобар биатлонец Матија Леговиќ, кој минатата сезона го освои кристалниот глобус како најдобар јуниор на светот. Оваа соработка почнува да ги дава првите резултати и ќе ја продолжиме и во наредните години. Секако, тука се и функционалните тестови што ги направивме кај д-р Милиќ на Факултетот за спорт во Љубљана, кои покажаа дека располагаме со многу солиден материјал за понатамошна работа.

Дали сте задоволни од условите каде што трениравте?
– Условите за работа каде што трениравме беа одлични, имајќи предвид дека биатлон-центрите каде што ги реализиравме подготовките се исклучително познати и признаени во нашиот спорт.

Што треба да се стори за македонскиот биатлон да напредува многу побрзо и подобро?
– Биатлонот кај нас има одлична перспектива, ова е најпопуларниот зимски спорт и поддршката од ИБУ е на високо ниво. Нашите тимови како натпреварувачи, тренери и логистика се вклучени во сите програми на ИБУ. Тренерската едукација солидно напредува преку Академијата на ИБУ. Се трудиме соодветно да ја обезбедиме опремата, а соработката со Министерството за спорт е одлична и очекуваме зголемување на поддршката за нашиот спорт. Со Македонскиот олимписки комитет имаме, исто така, солидна соработка и се трудиме наши спортисти што подобро да нѐ претстават на големите светски натпревари.

Најдобриот македонски биатлонец Петар Гиноски

Од кои биатлонци и биатлонки очекувате најмногу да напредуваат во периодот што следува?
– Во моментот наш најдобар биатлонец е Гиноски, кој со својата посветеност и квалитет ветува одлични резултати. Тука се приклучуваат и Петрушу и Најденоски. Напорно работиме на постигнување на оваа цел, но морам да истакнам дека располагаме со многу силен потенцијал и во детските категории, кои особено се истакнуваат со своите резултати во регионот.

Што е она што му недостига на овој спорт да биде поуспешен?
– Проблеми секогаш има, но се трудиме на практичен начин да ги совладуваме, сѐ со цел да не трпат програмата и спортистите. Како посебни би ги издвоил финансиските недостатоци, односно малиот буџет што го имаме и немање посебен биатлон-центар кај нас, каде што би можеле да реализираме дел од подготовките. Биатлон-центар е мошне голема инвестиција, работиме на тоа во рамките на нашите можности за реализација на ваков капитален проект. Локацијата е обезбедена во близината на ски-центарот во Крушево, а поддршката од државата и од Министерството за спорт е од клучно значење за реализација на првиот биатлон-центар во Македонија.

Кои позначајни резултати ги постигнаа сезонава македонските биатлонци?
– За сезонава веќе се на повидок подобри резултати. Овој викенд настапивме на ИБУ-јуниор купот во Гомс, во Швајцарија, и посебно би го истакнал резултатот на Гиноски, кој на трката спринт на 10 км имаше солидно пукање со две казни од 10 куршуми и пласман на 76-то место од 115 натпреварувачи, како и освоени 184,44 ИБУ-поени, што е резултат блиску до норма за Светско првенство за сениори. Исто така, солидни резултати постигнаа и Петрушу, Божиноски и Јорданоски на јуниорскиот ИБУ-куп. Од идната недела нѐ очекуваат натпреварите во Мартел, Италија, на јуниорскиот ИБУ–куп, и во Лензерхајд, Швајцарија, на ИБУ-купот.