ШАХ – РЕЈТИНГ-ЛИСТА НА ФИДЕ ЗА НОЕМВРИ
На светските листи водат Карлсен и Хоу, а на македонските Романов и Стојковска
Рејтинг-листите на Светската шаховска федерација (ФИДЕ) за ноември првенствено беа обликувани од два големи екипни настани, Европското првенство (ЕП) и Европскиот клупски куп (ЕКК). Додека составот на првите 10 шахистки остана непроменет, врвните 10 на опен-листата имаат значителни промени. Така, Германецот Винсент Кејмер и Холанѓанецот Аниш Гири освоија 18 односно 10 рејтинг-поени во овие натпреварувања, пласирајќи се и двајцата во првите пет на светската опен-листа за ноември.
Кејмер првпат е во оваа елитна група, а Гири се враќа по 18 месеци отсуство. Американецот Фабијано Каруана (2.795) се зацврсти на третото место по одбраната на титулата на Првенството на САД, а актуелниот светски шампион, Индиецот Домараџу Гукеш (2.763), повторно е во првите 10 (деветти), благодарение на извонредната игра на ЕКК. Во водство е Магнус Карлсен (2.839) од Норвешка, пред Хикару Накамура (2.813) од САД. Кај шахистките прва е Јифан Хоу (2.620), пред Жу Џинер (2.579), Леи Тингџие (2.566), светската првенка Венјун Ју (2.565), сите од Кина, а петта е Русинката Александра Горјачкина (2.540).
На македонската машка листа нема промени меѓу првите пет. Води ВМ Евгени Романов (2.567), пред ВМ Трајко Недев (2.469), ИМ Филип Панчевски (2.430), ИМ Дејан Стојановски (2.412) и ВМ Александар Чоловиќ (2.407). Најмногу рејтинг-поени (43) освои Стојанчо Димковски (2.166), кој од 47-то се искачи на 33-то место. Кај шахистките и понатаму прва е ЖФМ Моника Стојковска (2.076), од четвртото на второто место се најде ЖФМ Моника Жежовска (2.034), трета е ЖИМ Габриела Коскоска (2.002), две места падна ЖФМ Ивана Манова (1.962), а петта е Драгана Николовска (1.892).
Екипно, шахистите загубија едно место и сега се на 56-то, со просечен рејтинг на првите 10 играчи 2.423, а шахистките загубија две места и се на 70-то, со 1.926. Кај мажите први и понатаму се САД (2.729), пред Индија (2.717) и Кина (2.667), а кај жените Кина (2.496), пред Индија (2.401) и Грузија (2.374), меѓу вкупно 201 шаховска федерација. Г.И.
































