СП и ЕП, пак, ќе се играат на секои две години

ОДБОЈКА

Светската одбојкарска федерација (ФИВБ) донесе неколку изненадувачки одлуки на состанокот на Управниот одбор (УО), одржан во Пунта Кана (Доминиканска Република). На состанокот, кој го водеше претседателот на ФИВБ, Ари да Силва Граса Фиљо, беше решено идното сениорско Светско првенство (СП) за мажи и жени да се одржи во 2025-та, а на него да настапат 32 селекции, поделени во осум групи со по четири селекции, а по две од секоја група да се пласираат во осминафиналето. Понатаму мундијалите да се играат секоја втора непарна година, а европските првенства секоја втора парна година, што значи дека идното ЕП ќе биде во 2026, информираат од ФИВБ.
УО на ФИВБ донесе и одлука да се смени квалификацискиот систем за Летните олимписки игри (ЛОИ) во 2028 година во Лос Анџелес (САД), односно да нема квалификации. Тоа значи директен пласман на ЛОИ во двете конкуренции ќе обезбедат САД како домаќини, потоа победниците на континенталните првенства во 2026 година (Европа, Азија, Африка, Северна, Централна и Јужна Америка), трите репрезентации од СП во 2027 година и трите најдобро рангирани селекции на листата на ФИВБ, кои ќе немаат обезбедено место на Игрите.
УО на ФИВБ соопшти дека за оваа одлука е потребно и одобрение од Интернационалниот олимписки комитет (ИОК) и дека постои можност на ЛОИ да се пласираат четири селекции од СП и две од ранг-листата на ФИВБ, која подоцна ќе биде точно прецизирана. УО го одобри и новиот квалификациски систем за СП, па, така, во иднина нема да има квалификациски турнири, туку домаќинот, актуелниот светски првак, три репрезентации од континенталните првенства во 2023 година, како и 15 репрезентации (или помалку, во зависност од бројот на земјите домаќини), од ранг-листата по крајот од натпреварувачката сезона ќе се квалификуваат за СП 2025, се наведува во соопштението на ФИВБ. Г.И.