Се очекува температурите повторно да се зголемат во претстојното лето, но нема да има клима-уреди во собите на спортистите на ЛОИ во Париз, град што вети дека ќе биде домаќин на „најзелените“ Игри досега. Зградите имаат систем за ладење што црпи вода од под земја, а фасадите се ориентирани така што малку се изложени на сонце. „Ова Олимписко село е дизајнирано да ја избегне потребата за климатизација, дури и при многу високи температури. Мислам дека треба да ѝ веруваме на науката“, изјави Ан Идалго, градоначалничката на Париз. Организаторите на ЛОИ 2024 рекоа дека сакаат да го преполоват емитувањето јаглерод, во споредба со Игрите во 2016 и во 2012 година, пишува „Ројтерс“
ЗА ВРЕМЕ НА ЛОИ 2024
Со оглед на тоа што земјите учеснички се поделени околу тоа дали да влезат во духот на „зелените игри“ или да вложат пари за успех, без оглед на цената за животната средина, градоначалничката на Париз, Ан Идалго, им порача на земјите што планираат да инсталираат клима-уреди во Олимпиското село на спортистите, наместо тоа, да „имаат доверба во науката“, пишува агенцијата „Ројтерс“.
Се очекува дека температурите повторно ќе се зголемат во претстојното лето, по рекордите во 2023 година, но нема да има клима-уреди во собите на спортистите на Летните олимписки игри (ЛОИ) годинава во Париз, град што, пак, вети дека ќе биде домаќин на „најзелените“ Игри досега. Наместо тоа, зградите во Олимпиското село за спортистите се дизајнирани со систем за ладење што црпи вода од под земја, а фасадите се ориентирани така што малку се изложени на директно сонце.
– Ова Олимписко село е дизајнирано да ја избегне потребата за климатизација, дури и при многу, многу високи температури, за да се одржуваат удобни температури – изјави Идалго за „Ројтерс“.
ДА Ѝ ВЕРУВАМЕ НА НАУКАТА
Откако климатските научници предупредуваат дека глобалното затоплување предизвикало поекстремни временски модели во поголемиот дел од светот, организаторите на ЛОИ 2024 рекоа дека сакаат да го преполоват емитувањето јаглерод, во споредба со ЛОИ во Рио де Жанеиро во 2016 година и во Лондон во 2012 година.
– Мислам дека треба да ѝ веруваме на науката од две причини. Првата е она што ни го кажуваат научниците, за фактот дека сме на работ на пропаст. Сите, вклучувајќи ги и спортистите, мора да бидат свесни за ова. И втората, мораме да им веруваме на научниците кога тие ни помагаат да изградиме згради на трезвен начин што ни овозможува да се справиме без климатизација – уверува Идалго.
НЕКОИ ОЛИМПИСКИ КОМИТЕТИ ЌЕ ИЗНАЈМАТ КЛИМА-УРЕДИ
Сепак, олимписките комитети од Австралија, Бразил, Канада и од Норвешка се меѓу оние што веруваат дека тоа нема да биде доволно, пишува „Ројтерс“.
– Наша јасна желба е да има климатизација во сите простории – изјави Норвешкиот комитет за „Ројтерс“, а од Бразил дополнија дека „прогнозата за топлина“ направи „да биде неопходно да се инвестира во изнајмување единици за климатизација за целата делегација“. Австралиската шефица на мисијата, Ана Меарс, рече дека тие „гледаат преносливи климатизери за да им понудат на спортистите доколку одлучат, ако е жешко, ако е непријатно“.
Канадскиот олимписки комитет изјави за „Ројтерс“ дека „имплементирал голем број стратегии за ублажување на топлината во Париз за да ги дополни мерките поставени од Организацискиот комитет на ЛОИ 2024, вклучувајќи и единици за климатизација во некои соби за спортисти, во случај на екстремна топлина“.
ОДРЖЛИВ ПРОЕКТ
Она што е важно за Идалго, сепак, е дека Олимпиското село на спортистите, кое ќе биде дом на околу 6.000 парижани по Игрите, е одржлив проект, пишува „Ројтерс“.
– Она што ми е важно е дека овие згради, овие станови, ќе станат населба во која ќе живеат луѓето од париските предградија. Овие нови згради нема да имаат потреба од климатизација, така што ние работиме долгорочно – вели таа.
Поддршка за визијата на организаторите дојде од неколку други делегации, кои рекоа дека целосно веруваат во тоа дека дека нема да им требаат клима-уреди на Игрите.
– Редовно го посетувавме Олимпиското село во Париз во претходните години и оценивме дека паметниот систем за ладење инсталиран на подот и на таванот е доволен за климатската зона. Дополнителната пасивна превенција што доаѓа со прозорците дополнително придонесува за ова. Како и да е, ги прашавме нашите федерации дали сакаат да изнајмат дополнителни клима-уреди. Огромното мнозинство од нашите федерации оценија дека тоа е непотребно – изјавија за „Ројтерс“ од олимпискиот комитет на Германија. Г.И.