Карлсен, Прагнанaнда, Дуда и Аронијан забележаа победи
ШАХ – ШЕСТИ ТУРНИР НА ШАМПИОНИТЕ „КРИПТО-КУП“
Шестиот турнир од годинашната турнеја на шампионите во забрзан шах наречен „Крипто-куп “, кој се игра во Флорида (САД) до 21 август, за награден фонд од 210.000 долари, плус дополнителни 100.000 долари врзани за цената на биткоинот, започна бескомпромисно. Настапуваат осум шахисти, а сите четири дуели (со темпо од 15 минути по играч, плус 10 секунди за секој потег) беа решени уште по првите четири партии, па немаше потреба од дополнителни партии со брзо темпо (пет минути, плус три секунди по играч).
Така, актуелниот светски првак и победник во оваа серија турнири минатата година, Норвежанецот Магнус Карлсен (2.822 рејтинг-поени), го победи Холанѓанецот Аниш Гири (2.783) со 3-1 (реми, реми, 1-0, 1-0), индиското чудо од дете Рамешбабу Прагнанaнда (2.751) беше подобро од младата ѕвезда во подем, Французинот Алиреза Фирузја (2.793) со 2,5-1,5 (1-0, 0-1, 1-0, реми), Полјакот Јан-Кшиштоф Дуда (2.792) го надигра Американецот Ханс Нимен (2.615), со убедливи 3-0, додека Американецот Левон Аронијан (2.795) го совлада Виетнамецот Лием Ле (2.775) со 2,5-1,5 (1-0, реми, реми, реми). По првото коло, сите што победија имаат по три бода, а поразените се без бодови. Партиите не се играат на шаховска табла со фигури, туку преку монитори, но противниците сепак седат еден спроти друг.
Турнејата на шампионите e серија на девет турнири на кои учествуваат некои од најдобрите светски играчи за награден фонд од 1,6 милион американски долари, а започна на 19 февруари и ќе трае до 20 ноември годинава. Досега Карлсен победи на првиот и на вториот турнир, Дуда на третиот, Кинезот Динг Лирен на четвртиот, а Аронијан на петтиот.
Г.И.