ТЕНИС
- Правилото е слично на мерките што ВТА ги воведе пред повеќе од 30 години. Новото правило на АТП се базира на индексот што го мери топлинскиот стрес на директна сончева светлина
Асоцијацијата на тениските професионалци (АТП) ќе воведе правило за екстремна топлина од 2026 година, кое ќе им овозможи на играчите на машката турнеја да земат 10-минутна пауза за ладење за време на поединечните мечеви во три сета. Правилото е слично на мерките што ВТА, која го регулира женскиот професионален тенис, ги воведе пред повеќе од 30 години за да ги заштити тенисерките од топлината, пишува „Би-би-си“.
Во соопштението, АТП вели дека политиката е за „зајакнување на заштитата за играчите што се натпреваруваат во екстремни услови“. Новото правило се базира на индексот што го мери топлинскиот стрес на директна сончева светлина, кој вклучува набљудување на температурата, влажноста, брзината на ветерот, аголот на сонцето и облачноста. Доколку тој достигне најмалку 30,1 степени за време на првите два сета од мечот, кој било од играчите може да побара пауза од 10 минути за да се олади, а играчите можат да се хидрираат, да се пресоблечат, да се истушираат и да добијат совети. Мечот ќе биде прекинат кога индексот ќе надмине 32,2.
– Новото правило обезбедува структуриран, медицински поткрепен пристап кон справување со екстремната топлина, за да се заштити здравјето на играчите, а истовремено да се подобрат условите за гледачите, службените лица, луѓето задолжени за топчињата и персоналот на турнирот – пишува во соопштението, пренесе „Би-би-си“.
Правилото на ВТА за натпревари за тенисерки е во сила од 1992 година и се користи во текот на целата година на сите турнири. Г.И.

































