Во историската сезона, 23-годишниот тенисер освои осум титули во сингл (вклучувајќи ги и неговите први два гранслем-турнира, три АТП-мастерс трофеи од серијата 1.000 и АТП-финалето), помагајќи им на своите сонародници да ја одбранат титулата во Дејвис-купот и стана првиот Италијанец бр. 1 во историјата на АТП-рангирањето
ТЕНИС
Јаник Синер ja освои наградата „Фаворит на гледачите“ втора година по ред, а ја доби и наградата за првото место на крајот на годината во светската ранг-листа, пишува Асоцијацијата на тениските професионалци (АТП). Тоа беше соодветен начин да се заокружи историската сезона во која 23-годишниот играч освои осум титули во сингл (вклучувајќи ги и неговите први два гранслем-турнира, три АТП-мастерс трофеи од серијата 1.000 и АТП-финалето), помагајќи им на своите сонародници успешно да ја одбранат титулата во Дејвис-купот и стана првиот Италијанец бр. 1 во историјата на АТП-рангирањето, пишува АТП.
Матео Беретини беше прогласен за повратник на годината откако надмина низа повреди за да освои три титули годинава и да се искачи назад меѓу првите 40 тенисери на АТП-листата, а 19-годишниот Јакуб Менсик, најмладиот член на првите 50 на крајот на годината, го освои трофејот за новак на годината, пишува АТП. Откако се врати меѓу првите на ранг-листата на Асоцијацијата на тениските професионалци првпат од 2018 година, Григор Димитров беше избран од неговите колеги за добитник на наградата „Спортски дух“ на Стефан Едберг, за ферплеј, професионализам и интегритет на теренот и надвор од него, пишува АТП.
Мајкл Расел го освои признанието за тренер на годината откако го предводеше Тејлор Фриц сезонава до резултат од 53 победи и 23 порази и најдобар пласман во кариерата, на четвртото место на рангирањето на Асоцијацијата на тениските професионалци. Фриц освои две титули годинава, а стигна и до натпреварот за трофејот на АТП-финалето.
Доминик Тим ја доби хуманитарната награда „Артур Еш“ како признание за неговата посветеност на прашањата за одржливост и животна средина, со посебен фокус на зачувувањето на океаните. Победникот на САД опен за 2020 година и поранешен светски рекет број 3, кој се пензионира откако го одигра својот последен натпревар на турнирот во Виена, долго време ги поддржува непрофитните организации и Светскиот фонд за дивиот свет, пишува Асоцијацијата на тениските професионалци. Н.М.