Алексовска во квалификациите беше 12-та, во дисциплината тандем-микс Македонија го освои 12-то место, во комбинација Арслановски беше деветти, Алексовска 12-та, а вкупно Македонија, во конкуренција на 14 држави, е 12-та на СК
КУГЛАЊЕ
Македонскиот куглар Архан Арслановски, со 516 соборени кегли, го освои осмото место во финалето, откако во квалификациите беше седми (578), со што за една кегла го подобри личниот рекорд, на 12. Светски куп (СК) за младинци (до 18 години), во естонскиот град Елва. Стефанија Алексовска во квалификациите беше 12-та (553 кегли).
Во дисциплината тандем-микс, Македонија го освои 12-то место, со 1.109 кегли (Арслановски 564, Алексовска 545). Во комбинација мажи, Арслановски беше деветти, а во комбинација жени, Алексовска беше 12-та. Со сите остварени резултати, Македонија во конкуренција на 14 држави е 12-та на СК, пред селекциите на Италија и на Естонија.
– Во конкуренција на најдобрите поединци од секоја од 14-те земји можевме и подобро, но тоа е анализа што ќе се прави дополнително. Факт е дека македонското куглање во наредните три до пет години ќе се бори да фати чекор со кугларските нации во сите возрасни категории. Вложувањето во најмладите е неопходно за нивно кугларско зреење ако сакаме да имаме квалитетна сениорска репрезентација. Потребата од мерки и притисок кон клубовите да имаат младински школи, кампови за млади куглари, како и стручно усовршување на тренерските кадри во клубовите, исто така, е неопходна – вели селекторот на младинските селекции на Македонија, Игор Михајловски.