Младите играчи повеќе се грижат за нивниот рејтинг отколку за тоа што се случува на шаховската табла, рекол во една пригода Арпад Ело, кој почина на 5 ноември 1992 година на 89-годишна возраст
Пред 122 години е роден Арпад Емерих Ело – физичар, шаховски мајстор и пионер на системот за оценување во шахот. Роден во Кралството Унгарија, тој се преселил со своите родители во САД во 1913 година, подоцна стекнувајќи се со диплома за шах (1925) и магистратура (1928) од Универзитетот во Чикаго. Од 1926 година до неговото пензионирање во 1969 година, Ело предавал физика на Универзитетот „Маркет“ во Милвоки (САД). До 1930-тите, тој бил најсилниот шахист во градот, во време кога Милвоки бил еден од водечките шаховски центри во земјата. Осум пати го освоил државното првенство во Висконсин и бил 11-то лице примено во Светската куќа на славните во шах, пишува Светската шаховска федерација (ФИДЕ) на својата интернет-страница.
СИСТЕМ ЗА НОВАТА ЕРА
Раните 1970-ти години донесоа бран технолошки откритија. Дебито на комерцијалниот микропроцесор означи нова ера, а пронајдокот на џебниот калкулатор во 1970 година се покажа особено значаен за шахот. Тоа значително ја поедностави работата на Квалификацискиот комитет на ФИДЕ, кој мораше да се справи со брзорастечкиот број на пресметки на рејтинзи. Истата година, ФИДЕ официјално го усвои системот на Ело за пресметување на шаховските рејтинзи.
Ело беше пионер во овој систем за рејтинг, кој Шаховската федерација на САД првпат го имплементираше во 1960 година. Ело-рејтингот на играчот е нумеричка мерка за минатите перформанси, приспособена врз основа на резултатот од играта, усогласувајќи се со очекуваните исходи. На пример, ако сте оценети 200 поени повисоко од вашиот противник, се очекува да постигнете околу 75 отсто од поените во меѓусебните натпревари. Исполнувањето на тоа очекување го одржува вашиот рејтинг стабилен, надминувањето го зголемува вашиот рејтинг, додека недоволното исполнување го намалува. Првично дизајниран за шах, системот Ело оттогаш се користи и во фудбал, бејзбол, кошарка и други спортови.
НАСЛЕДСТВО И ЕВОЛУЦИЈА
Во 1971 година ФИДЕ ја објави својата прва листа на рејтинзи. Американецот Роберт Фишер со 2.760 поени беше единствениот играч со рејтинг над 2.700. По него следуваше тогашниот актуелен светски шампион, Русинот Борис Спаски со 2.690. Тринаесет други велемајстори беа над границата од 2.600 рејтинг-поени. Фреквенцијата на објавување на рејтинг-листата на ФИДЕ се менуваше со текот на времето. Од 1971 до 1980 година, се издаваше само една листа годишно. Ова постепено се зголемуваше до сегашниот стандард на месечни ажурирања. Рејтинзите генерираа фасцинантна статистика. Највисокиот постигнат рејтинг му припаѓа на 16-от светски шампион по ред, Норвежанецот Магнус Карлсен, кој достигна неверојатна височина од 2.882 поени. Само 14 други играчи во историјата го преминале прагот од 2.800. За да се квалификува за титулата велемајстор, шахистот мора да достигне рејтинг од 2.500 поени, пишува ФИДЕ.
Денешниот систем за рејтинг на ФИДЕ продолжува да се развива, земајќи ги предвид многубројните фактори за да се приспособи на модерната игра. Големото ажурирање од 2024 година, на пример, се однесува на инфлацијата на рејтинзите поврзана со брзорастечката база на нови играчи, особено деца и почетници со ниски почетни рејтинзи.
Новиот систем Ело беше усвоен од УСЦФ во 1960 година и од ФИДЕ во 1970. Со години Арпад Ело рачно ги пресметуваше рејтинзите на ФИДЕ на својот HP-калкулатор. Во 1978 година, Ело го објави „Рејтингот на шахистите од минатото и сегашноста“, во кој го претстави својот систем за рејтинг, а исто така презентираше и рангирање на историските играчи. Кон крајот на својот живот, Ело изрази разочарување од тоа како шаховскиот свет ја користел неговата формула.
– Младите играчи повеќе се грижат за нивниот рејтинг отколку за тоа што се случува на шаховската табла – рекол во една пригода Арпад Ело, кој почина на 5 ноември 1992 година на 89-годишна возраст. Г.И.