ВМ Левон Аронијан / Фото: ЕПА
  • Сепак, Карлсен ја завршува 2025 година како вкупен победник во генералниот пласман на оваа шаховска гранслем-турнеја, врз основа на неговите кумулативни резултати

Американскиот велемајстор (ВМ) со ерменско потекло Левон Аронијан триумфира на финалниот турнир во слободен (Фишеров) шах во Кејптаун, (Јужна Африка), победувајќи го во финалниот меч Норвежанецот Магнус Карлсен со 1,5-0,5 поени. Триумфот следува по неговиот претходен успех годинава во Лас Вегас, што е негова втора победа во низа на поединечен турнир. Сепак, Карлсен ја завршува 2025 година како вкупен победник во генералниот пласман на оваа шаховска гранслем-турнеја врз основа на неговите кумулативни резултати низ серијата, во која победи на вториот и третиот турнир.
Воведната партија од финалето се состоеше од две партии со темпо од 30 минути, плус 15 секунди за секој потег по играч. Аронијан ја прифати раната жртва на Карлсен на пион и успеа да го консолидира дополнителниот материјал со внимателна игра. Карлсен се мачеше да генерира практични шанси во нападот, но не успеа да ја изгради потребната компензација и загуби. Во втората партија, која заврши со реми, Карлсен во завршницата се обидуваше да игра на победа, но неговите напори го принудија Аронијан да демонстрира прецизна одбранбена техника. Аронијан за четири дена не загуби ниту една партија!

– Новиот бренд, слободен шах, има потенцијал да биде приказна за успех и ние сме отворени за соработка на заемно корисен начин. ФИДЕ сега го признава Магнус Карлсен како број еден во светот во оваа возбудлива верзија на шаховската игра – изјави претседателот на ФИДЕ, Аркадиј Дворкович.
Во мечот за третото место, Германецот Винсент Кајмер го победи Узбекистанецот Јавокир Синдаров со 2-0. Двајцата шахисти, најмлади во финалето, покажаа силни настапи. Кејмер го освои првиот турнир од оваа серија во Вајсенхаус, а Синдаров, кој дојде по освојувањето на Светскиот куп (СК), беше водечки по првата фаза во Кејптаун. Дуелите за петтото и седмото место се играа на 10 мунути. Американецот Фабијано Каруана го победи Индиецот Арџун Еригаиси со 1,5-0,5 и е петти, додека Американецот Ханс Ниман е седми славејќи над Иранецот Пархам Магсудлу со 3-1, но по тајбрејк-партиите.
Конечна табела на турнејата за 2025 година: Карлсен 121 поен, Аронијан 84, Каруана 73, Кејмер 71, Еригаиси 46, Накамура 46, Синдаров 46, Ниман 33, Магсудлу 27 и Есипенко 15. Г.И.