ВЕТЕРАНСКИ ТУРНИР ВО БРЗ ШАХ

  • На турнирот учествуваа 27 шахисти, а годинава од младите македонски надежи, кои беа поканети како специјални гости, со голем успех настапи Никола Радоњанин, кој го освои второто место

Искусниот ФИДЕ-мајстор од Скопје (ФМ) Љубиша Андоновски (рејтинг 2.229, рангиран прв пред почетокот на турнирот) победи на првиот ветерански турнир во брз шах „Еснаф 2026“, кој во одлична организација на Шаховскиот клуб на ветерани Скопје 72 се одигра во Скопје. Во конкуренција на 27 шаховски ветерани по девет неизвесни кола Андоновски освои осум поени, половина поен повеќе од второпласираниот Никола Радоњанин (1.965), а ФМ Александар Кралевски (2.104) со шест поени е трет.
Салата беше претесна да ги прими сите заинтересирани ветерани орни за шаховска борба. Организацискиот одбор (ОО) на турнирот беше на мака да ја состави листата на учесници поради големиот интерес. Шахистите ги поздрави претседателот на клубот-организатор на овие турнири Илија Стошевски, кој им посака добро здравје и успеси во богатата палета на активности што се предвидени во 2026 година, а турнирот за отворен го прогласи членот на ОО, истакнатиот македонски велемајстор (ВМ) Драгољуб Јаќимовиќ.
– На турнирот учествуваа 27 шахисти, а годинава од младите македонски надежи, кои беа поканети како специјални гости, со голем успех настапи Никола Радоњанин (16 години), кој го освои второто место. За жал, во последен момент, поради настинка, учеството го откажа младиот Павел Крстевски. Турнирот, покрај ВМ Јаќимовиќ, кој е и селектор на ветераните, го проследија и ИМ Димитар Илиевски, поетот Перо Миленкоски и интернационалниот судија Иван Кочовски. Меѓу наградените (со понизок рејтинг) се гевгеличанецот Борис Јованџиков (1774), кој е деветти со 5,5 поени, и скопјанецот Томислав Голубовиќ (1.712), кој освои четири поени. Да додадам и тоа дека е презентиран и „Билтенот 5“ за сите активности на ШКВ Скопје 72 што ги оствари клубот во 2025 година. Во него можат да се најдат резултати, табели, дијаграми и анализи на партии од врвни играчи, нешто што сметам дека го нема на Балканот, а го прават ветераните – вели Стошевски. Г.И.