Фото: ЕПА

ФУДБАЛ – НА СВЕТСКОТО ПРВЕНСТВО ВО 2026 ГОДИНА

  • Дел Боске и Липи се единствените фудбалски стручњаци што освоија светски титули како тренери со клуб и како селектори со репрезентација. Досега сите светски фудбалски шампиони имаа домашен селектор

Италијанецот Карло Анчелоти и Германецот Томас Тухел на Светското првенство (СП) в година во САД, Мексико и во Канада ќе се обидат да го израмнат достигнувањето на Шпанецот Висенте дел Боске и на Италијанецот Марчело Липи, но ќе имаат шанса, како и повеќе други селектори, да остварат единствен рекорд на фудбалските мундијали.
Дел Боске и Липи се единствените фудбалски стручњаци што освоија светски титули како тренери со клуб и како селектори со репрезентација. Така, Дел Боске прво го предводеше Реал Мадрид до трофејот на тогашниот Интерконтинентален куп во 2002 година, а потоа со репрезентацијата на Шпанија стана светски шампион во 2010 година, на Мундијалот во Јужна Африка. Липи, пак, светската клупска титула ја освои на кормилото на Јувентус во 1996 година, а десет години подоцна ја предводеше репрезентацијата на Италија до триумфот на Светското првенство во Германија.
Двајцата се трофејни тренери, Дел Боске беше и европски првак со Шпанија во 2012 година, европски шампион со Реал Мадрид во 2000 и во 2002 година…, а Липи европски првак со Јувентус во 1996 година, азиски шампион со Гуангжу во 2013 година…
Анчелоти и Тухел до неодамна беа клупски тренери, а од годинава се селектори, на Бразил, односно на Англија. И двајцата во својата тренерска кариера освоија светска клупска титула. Анчелоти го направи тоа четири пати, и тоа со Милан во 2007 година, а потоа со Реал Мадрид во 2014, 2022 и во 2024 година. Тухел славеше со Челси во 2021 година.
И Анчелоти и Тухел беа и европски клупски прваци како тренери, и тоа Анчелоти пет пати (во 2003 и 2007 година со Милан, во 2014, 2022 и во 2024 со Реал Мадрид), а Тухел еднаш (во 2021 година со Челси). Анчелоти беше европски клупски првак и како фудбалер, со Милан, во 1989 и во 1990 година и трет со репрезентацијата на Италија на Светското првенство одржано во 1990 година.
Двајцата се дел од поголема група селектори што на планетарното фудбалско првенство во 2026 година можат да станат прв селектор странец со светска титула. Досега сите светски фудбалски шампиони имаа домашен селектор. Од досега пласираните репрезентации в година на Мундијалот ќе бидат предводени од странци, на пример, Бразил (Анчелоти), Англија (Тухел), Уругвај (Марсело Биелса од Аргентина), САД (Маурисио Покетино од Аргентина), Канада (Џеси Марш од САД), Португалија (Роберто Мартинез од Шпанија)… Н.М.