Регулативите на Формула 1 од 2026 година ќе доведат до воведување одржливи горива, со можни состојки како алкохол и алги за гранпри-трките

БОЛИДИТЕ ВО ТРКА ПРОТИВ ГЛОБАЛНОТО ЗАТОПЛУВАЊЕ

Глобалното затоплување станува постојано актуелно прашање, а понекогаш се чувствува како виновно задоволство да се гледа Формула 1. Но, всушност, ова е спортот што го движи светот на поодржливо место, пишува „Скај спорт“. Како дел од својата заложба да биде јаглеродно неутрална до 2030 година, креаторите на правилата на Ф1 ја одредија 2026 година кога промената на правилата за моторите и горивата ќе го водат патот за одржливи горива за да го поттикнат спортот. Но што, всушност, се случува? Промените на правилата во 2026 година имаат цел да ја направат Формула 1 уште поодржлива, поттикнувајќи ја иновативноста за да ја направи автомобилската индустрија како целина подобра за светот во трката против глобалното затоплување.
Прописите ќе бараат да го обезбедат следново: ниту еден нов јаглерод од фосилните горива нема да се испушта во атмосферата, ќе има трипати поголема електрична енергија (целта е да се произведат околу 350 киловати во 2026 година, електричната компонента на енергетската единица сега произведува 120 киловати), мотори со повеќе од 1.000 коњски сили со помалку потрошено гориво во 2026 година, Ф1 има цел секој болид да користи само 70 килограми гориво за време на трка, во споредба со 100 килограми во 2020 година, потоа поевтини мотори, ќе има ограничување на трошоците специфично за моторот за да се поттикнат повеќе производители на автомобили да се вклучат во изнаоѓање иновативни решенија.
Главниот технички директор на Формула 1, Пет Сајмондс, објаснува дека употребените горива ќе бидат мешавина од алкохол и покомплексно гориво, произведени од производителот.

– Ставањето нешто во мешавината на горивото како етанол е всушност доста добро бидејќи е евтино. Очекуваме дека 20 отсто од горивото ќе биде едно од овие горива, како што е етанолот, а остатокот ќе бидат посложените молекули што ви даваат многу висока енергија – рече Сајмондс, говорејќи за време на претсезонското тестирање во 2023 година.
Ваквото гориво е одржливо гориво, кое е доволно слично на конвенционалното гориво во кое може да се меша и сепак да се користи во моторот. Сајмондс објасни дека за тимовите „вистинскиот трик е од каде го добивате јаглеродот, можете да го добиете тоа од алги, од собирање јаглерод во воздухот, од отпад“.
– Квалитетот на горивото што го правите зависи од тоа како ги мешате водородните и јаглеродните атоми. Почнувате да ги градите овие долги јаглеродни синџири во добри горива, бензини, такви работи. Големата работа со нештата како бензинот, кога ќе добиете осум јаглеродни атоми, па дури и над тоа е што добивате многу енергија во нив – објаснува Сајмондс.
Еден килограм бензин има 43 мегаџули енергија во себе. Наместо количеството гориво да биде ограничено, Ф1 ќе ги ограничи тимовите на количеството енергија во моторот за време на трката, пишува „Скај спорт“. Ова значи дека тимовите ќе добијат перформанси на патеката со тоа што ќе ги направат нивните горива поефикасни, за да можат да користат помалку од тоа, а колку е полесен болидот, толку побрзо оди.

– Велиме 33.000 мегаџули енергија на час, тоа е она што можете да го влеете во моторот. Ако имате гориво за кое се потребни 70 кг од тоа гориво на час, а друго гориво, 72 кг на час, не е важно, факт е дека сите имаат иста енергија. Важно е како ја користите таа енергија – вели Сајмондс.
Ф1 ќе ги охрабрува производителите, а сите ќе бидат поттикнати да го најдат најдобриот начин за хранење на болидите со одржливо гориво. Доста често, технологијата вклучена во Ф1 го пробива патот до друмските автомобили по неколку години, па Формула 1 е една од најпознатите и најгламурозни тест-места во светот. Системот за обновување на кинетичката енергија (КЕРС) беше систем што складираше електричен поттик за моторот со рециклирање на топлинската енергија создадена од сопирањето на свијоците. Оваа технологија влезе во Ф1 и сега многу модерни автомобили го користат овој систем за да помогнат во користењето на помалку фосилни горива. Целта е употребата на одржливи горива во еден од највозбудливите спортови во светот да помогне да се води патот додека моторната индустрија се оддалечува од фосилните горива и оди кон почиста иднина, пишува „Скај спорт“. Н.М.