Фото: Пиксабеј

ТЕНИС

Шпанецот Карлос Алкараз го обезбеди првото место во светот на крајот од годината и обезбеди пласман во полуфиналето како победник на групата на завршниот годинашен мастерс-турнир на Асоцијацијата на тениските професионалци (АТП), со победата со 6-4, 6-1 на дуелот со Италијанецот Лоренцо Мусети, резултат што го испрати и Алекс де Минаур во полуфиналето по неговата победа над Тејлор Фриц, пишува агенцијата „Ројтерс“.
– Натпреварот беше важен за мене, играјќи за првото место на крајот од годината. Во почетокот не беше лесно со нервозата. Се обидов да се справам со тој притисок најдобро што можам, па затоа сум навистина среќен со нивото на кое играв и што успеав да ја завршам годината како број еден – рече Алкараз.
Алкараз, кој беше прв на ранг-листата на АТП во 2022 година, ја имаше најдобрата сезона во својата кариера, стигнувајќи до финалето на три гранслем-турнири, освојувајќи ги Ролан Гарос и САД опен и губејќи го решавачкиот дуел на Вимблдон, соочувајќи се со Јаник Синер во сите три наврати. Од другата група, полуфиналист е Синер, кој ја брани титулата на завршниот мастерс на АТП, кој се игра во Торино. Н.М.