Македонскиот шампион во првото коло ја совлада шведската екипа Васа со 5,5-0,5
ШАХ – ЕВРОПСКИ КЛУПСКИ КУП
Шаховскиот клуб Алкалоид успешно стартуваше на Европскиот клупски куп (ЕКК) во Врњачка Бања (Србија), совладувајќи ја шведската екипа Васа со 5,5-0,5. Велемајсторот (ВМ) Арјун Еригаиси, кој со 2.797 рејтинг-поени во моментов е трет играч на светската рејтинг-листа, на првата табла со црни фигури ја почна серијата на победи во мечот. Во многу остра динамична борба го надигра ВМ Том Ведберг. Веднаш по него, повеќекратниот првак на Македонија, Филип Панчевски, на шестата табла, со сигурна игра уште во рана фаза на партијата го „отвори“ противничкиот крал и по само 21 потег при големи материјални загуби противникот ја предаде партијата. Следуваа сигурни рутински победи и на Ји Веи и Нарануан на втората, односно на четвртата табла. Со победата на Ју Јангји, ВМ од Кина, кој веќе петти пат ги брани боите на Алкалоид на ЕКК, во топовска завршница на третата табла, фармацевтите поведоа со 5-0. Последен својата партија ја заврши ВМ од Србија Велимир Ивиќ, кој, и покрај долгата борба, во далечна завршница, не успеа да го скрши отпорот на противникот.
На годинешното издание на највисокото клупско натпреварување во светот учествуваат рекорден број екипи (84) во машка конкуренција, а Алкалоид на стартната листа, според просечен рејтинг на играчите (2.730), е второрангирана екипа. Конкуренцијата е многу силна и дури пет екипи се рамноправни фаворити за првите места. Во првото коло не се случија поголеми изненадувања, при што сите фаворити остварија високи победи.
Следен противник на Алкалоид е словачката екипа Церо инвест Нитра, која е рангирана на 23-то место пред ЕКК. Г.И.