Со девет поени од можни десет, Алкалоид го дели второто место на табелата, додека прв е двократниот европски првак Нови Бор од Чешка
ШАХ – ЕВРOПСКИ КЛУПСКИ КУП
Шахистите на Алкалоид одиграа нерешено 3-3 со екипата на Туркиш ерлајнс во дерби-мечот на петтото коло на 39. Европски клупски куп (ЕКК), кој се одржува во Врњачка Бања, Србија. По изненадувањето што во четвртото коло го приреди турскиот тим, совладувајќи го прворангираниот Суперчес од Романија, во петтото коло „фармацевтите“ имаа сериозна можност за славење, бидејќи поведоа со 3-1, но во финишот противникот успеа да извлече бод.
Мечот започна со брза победа на Јангји Ју на третата табла. Тој со бели фигури, искористувајќи ја непрецизната игра на својот противник, се стекна со јасна предност во отворањето, која потоа ја претвори во решавачки матен напад. На четвртата табла Читамбарам Аравинд го надигра својот ривал и доби решавачка предност, но во недостиг од време за размислување, сосема ја испушти, за на крајот да биде задоволен со поделба на поенот.
На првата табла со бели фигури, Арјун Еригаиси повторно одигра одлична партија надигрувајќи го во еднаква позиција Дмитриј Андрејкин. Со овој резултат, Еригаиси стана петнаесетти шахист што во шаховската историја ја поминал рејтинг-границата од 2.800 поени!
Следуваше реми на Велимир Ивиќ на шестата табла и со тоа Алкалоид имаше веќе минимум нерешен резултат во мечот. По долга борба Веи Ји беше поразен од иранскиот репрезентативец Пархам Магсудлу. На петтата табла се одвиваше вистинска драма. Нарајанан во партијата против Володар Мурзин се стекна со одлична предност по отворањето, но по една позициона грешка дојде до комплетен пресврт. По тешка борба на таблата, индискиот велемајстор успеа да влезе во еднаква завршница со пешак помалку, но поради неколку непрецизни потези, сепак ја загуби партијата.
Со девет поени од можни десет, Алкалоид го дели второто место на табелата, додека прв е двократниот европски првак Нови Бор од Чешка, кој во ова коло го надигра унгарски Нагиканижаи со 4,5-1,5. Во дуелот зад нив, францускиот клуб Шартре со 3,5-2,5 извојува победа против израелскиот претставник Ришон Ле Зион и им се приклучи на Алкалоид и Туркиш ерлајнс во делбата на второто место.
Во вчерашното претпоследно шесто коло, Нови Бор и Алкалоид играа меѓусебен меч, кој ќе го обликува врвот на табелата, додека Шартре играше со Туркиш ерлајнс. Во обид да фатат чекор со водечките, дури девет екипи имаат по осум бода и ќе играат меѓусебни мечеви, бидејќи во моментов се на делба на петтото место. Г.И.
Гамбит АСЕЕ убедлив против Васа
Вториот македонски претставник на Европскиот клупски куп (ЕКК) во шах во Врњачка Бања, екипата на Гамбит АСЕЕ (просечен рејтинг 2.377 поени, рангиран 26-ти пред почетокот), ја оствари третата, а втора победа во низа, во петтото коло, славејќи без загубена партија со убедливи 4,5-1,5 против шведскиот претставник Васа (2.283, рангиран 44-ти). Цел поен за скопјани со бели фигури забележаа ВМ Евгени Романов (2.580) против ВМ Том Ведберг (2.375) на првата, ИМ Никола Николовски (2.388) против ИМ Дан Крамлинг (2.318) на четвртата и ФМ Љубиша Андоновски (2.256) против Бигер Вензел (2.008) на шестата табла. Ремизираа ВМ Петар Арнаудов (2.407) со ФМ Јоар Остлунд (2.339), ФМ Андреј Велјаноски (2.308) со ФМ Матис Мустапс (2.377) и ЖФМ Ивана Манова (2.060) со ФМ Егонс Лавенделис (2.280), кој имаше дури 220 поени поголем рејтинг од репрезентативката на Македонија, која тука игра со машкиот тим.
Во следното, шесто коло, играно вчера, противник на Гамбит АСЕЕ му беше норвешката екипа Нордкалотен (2.289, рангирана 38. пред почетокот). На две кола до крајот на отворениот турнир на ЕКК, Гамбит АСЕЕ е на 30-то место со шест екипни бода (вкупно 16 по табли), во конкуренција на 84 екипи.
Максимален триумф на МШК Центар
Единствениот македонски шаховски клуб на 28. Европски клупски куп (ЕКК) во Србија во женска конкуренција, МШК Центар (2.353, рангиран шести пред почетокот на турнирот), ја впиша втората победа во петтото коло, и тоа со максимални 4-0 против српската екипа Змај (1.976, рангирана 17-та). Цел поен со црни фигури на првата табла освои ИМ Ставроула Цолакидоу (2.439) против ИМ Александра Малтсевскаја (2.368), ИМ Маи Нарва (2.415) против ЖФМ од Македонија, Моника Жежовска (1.985), ЖВМ Викторија Радева (2.282) против Ања Јовановиќ (1.863) и на последната четвртата табла ЖИМ Софија Погорелскиј (2.176) против Амаја Агарвал (1.688).
На женскиот ЕКК учествуваат 18 екипи, а во шестото коло, вчера, скопски МШК Центар за ривал повторно имаше екипа од Србија, Рудар Костолац (2.144, рангирана 11-та). По петтото коло, со по осум екипни бода на врвот се словенечки Тајфун (2.437, рангиран трет пред почетокот) и 15 поени по табли, романски Суперчес (2.426, рангиран втори) со 13,5 поени по табли и унгарски Гаруда ајка (2.459, рангиран втор) со 12,5 поени по табли. МШК Центар е на 12-то место со четири екипни бода (11 по табли). Г.И.