Кај мажите, покрај домашни, има и 25 странски играчи, а кај жените 11

ШАХ – ОД УТРЕ ЕКИПНИ ПРВЕНСТВА НА МАКЕДОНИЈА

Во организација на Шаховската федерација на Македонија (ШФМ), од утре до 20 октомври, во Струга, ќе се одржат екипните сениорски првенства на Македонија во машка и во женска конкуренција во седум кола (првото коло е утре од 16 часот). Во двете конкуренции ќе играат по осум клуба (машките екипи ќе играат на шест, а женските на четири табли), во кои има вкупно пријавени 18 велемајстори (ВМ), 13 интернационални мајстори (ИМ) и 10 ФИДЕ-мајстори (ФМ) во машка конкуренција, како и по два ИМ, ЖВМ, ФМ, четири ЖИМ и три ЖФМ во женска конкуренција.
Кај мажите, покрај домашни, има и 25 играчи од девет шаховски федерации (Кина, Ерменија, Србија, Црна Гора, Романија, Бих, Албанија, Бугарија и Косово), а кај жените 11 од четири (Србија, Турција, Романија, Бугарија). Титулите од лани ќе ги бранат шахистите и шахистките на Алкалоид, кои и годинава се фаворити за титулата. Во машка конкуренција ќе настапат Алкалоид (2.560 рејтинг-поени, рангиран прв), Гамбит Ассеко СЕЕ (2.427), Прилеп (2.398), Гостивар (2.349), Стево Патако (2.323), Куманово (2.316), Фишер (2.227) и Анпасан (2.210). Во женска конкуренција за трофејот ќе играат Алкалоид (2.214), Центар (2.071), Гамбит Ассеко СЕЕ (1.844), Куманово (1.818), Гостивар (1.777), Неготино (1.671), Стево Патако (1.242) и Карпош (1.054).
Од шахистите, прворангиран е ВМ од Кина, Вангуи Ју (2.718), кој ги бранеше боите на Алкалоид кога стана европски клупски првак, во 2016 година (тогаш Ју освои и златен медал на четвртата табла), пред Ерменецот Шант Саргасјан (2.661) и Србинот Александар Инѓиќ (2.630), сите од Алкалоид. Кај жените, прворангирана е ИМ од Романија, Ирина Булмага (2.417), пред ИМ од Турција, Екатерина Аталик (2.406), и двете од екипата на Алкалоид, и ФМ од Бугарија Белослава Крастева (2.287) од Центар. Г.И.