Стефанија Алексовска

Кугларките на Македонија во второто коло загубија од фаворизираната Словенија со 1-7, а кугларите од Чешка со 2-6, во првото коло

КУГЛАЊЕ – СП 2025 ВО УНГАРИЈА

Македонската репрезентативка, членка на битолски Пелистер Пин, Стефанија Алексовска, оствари личен рекорд на 11. Светско првенство (СП) во куглање во Секешфехервар (Унгарија) и најдобар поединечен резултат во мечот со фаворизираната Словенија, во кој Македонија загуби со 1-7 во поени (3.320 – 3.490 соборени кегли). Алексовска урна 624 кегли, апсолутниот македонскиот рекорд го има битолчанката Ивана Трајчевска (651), поставен лани, а светскиот рекорд е 690 кегли, во сопственост на Германката Алина Долхеимер. На овој меч Мирјана Младеновска урна 543 кегли, Драгана Гаврилова 525, Милена Петрески 514, Андреа Вељаноска 574 и Гаврилова/Наумовска 540. Ова е втор пораз на Македонките по тој од светскиот првак Хрватска. Во третото и последно коло на СП 2025, Македонија ќе игра со Естонија, во групата Ц, од која Хрватска и Словенија веќе се четвртфиналисти.
Машката селекција на Македонија загуби од Чешка во првото коло, со 2-6 во поени (3.636-3.856). Единствените поени ги впишаа Урош Стоклас (622) и Борис Бенедик (610), а загубија Дамир Фучкар (556), Димитар Димитровски (584), Сашо Трпковски (620) и Младен Донковски (604). Следен ривал на Македонија е Хрватска, која не настапува во најсилен состав, но таму игра поранешниот македонски репрезентативец Бојан Влакевски. Во вториот меч од оваа група Д, Хрватска ја победи Франција со 6-2 (3.694-3.566).
– Поразот од Чешка беше сплет од многу причини, а главна беше што лошо влеговме во мечот со првата наша двојка. Тука тие направија голема предност, која тешко беше да се дополни. Треба да се каже и дека во првото коло најдобар екипен резултат и два поединечни, 684, на СП во сите четири групи имаше Чешка. Се гледа дека одлично се подготвиле и ја темпирале формата – вели македонскиот селектор и играч Димитар Димитровски. Г.И.