- Формула 1 и ФИА се консултираа со гледачи, тимови, технички експерти…, а целта беше да се направи серијата сложени нови области во спортот што е можно полесна за разбирање за најшироката публика, пишува „Би-би-си“
Формула 1 (Ф1) во следната сезона ја воведува веројатно најголемата промена во регулативата во својата историја, со нови правила за шасија и за мотор, како и со наложување за користење одржливи горива, а ја објави и терминологијата што спортот ќе ја користи за да се осврне на техничките сложености на новите правила за 2026 година, пишува „Би-би-си“. Новите мотори, кои остануваат 1,6-литарски В-6 турбо хибриди, имаат значително зголемен електричен капацитет, што бараше иновации во аеродинамиката на автомобилите. Возачите ќе управуваат со електричната енергија во трките, понекогаш и во квалификациски кругови, за да обезбедат најдобри перформанси. Ф1 и Светската автомобилска федерација (ФИА) се консултираа со она што е опишано како „широк спектар нови, обични и страсни гледачи за да разберат каква терминологија би им помогнала подобро да ги разберат клучните карактеристики на новите прописи, пишува „Би-би-си“.
Во соопштението се вели дека ова вклучува „користење податоци од анкети од трети страни и од нашата заедницата ‘Глас на навивачите’ од 50.000 члена, како и консултации со ФИА, тимовите од Формула 1 и други технички експерти за финализирање на термините“. Целта беше да се направи серијата сложени нови области во спортот што е можно полесна за разбирање за најшироката публика. Така, претходните термини за некои од уредите, како што се „икс-режим“ и „з-режим“ за активната аеродинамика, се отфрлени во корист на описи што даваат подиректна и поедноставна индикација за тоа што всушност прави технологијата, пишува „Би-би-си“.
Која е новата технологија?
Креаторите на правила велат дека возачите ќе имаат поголема моќ во свои раце за да донесуваат одлуки за распоредување, регенерација и за заштеда на енергија. Новите правила значат дека автомобилите ќе имаат серија режими, кои ќе бидат означени на телевизиските графики за да помогнат публиката да ја разбере акцијата.
– Режим за престигнување: Го заменува сегашниот систем ДРС за помош при престигнување. Ќе има наплив на дополнителна електрична енергија достапна кога возачите се на една секунда од автомобилот пред нив, за да распоредат енергија за помош при престигнување.
– Режим за поттик: Служи за распоредување енергија, управувано од возачот, со систем за обновување на енергијата, што може да се користи во напад или во одбрана. Му дава на возачот максимална моќност од моторот и од батеријата со притискање копче.
И двата режима ќе мора да се користат внимателно, бидејќи вкупната енергија е ограничена, пишува „Би-би-си“.
– Активна аеродинамика: Предните и задните крила ги приспособуваат аглите, се отвораат на правците за низок отпор и за брзина, и се затворени во свијоците за максимална сила на притисок.
– Полнење: Возачите можат да ја полнат батеријата со енергијата обновена од сопирањето или со кревање на гасот на крајот од правците или во свијоците каде што се применува само делумна моќност.
Што се менува кај автомобилите и кај моторите?
Автомобилите ќе бидат помали и полесни од годинава, со меѓуоскино растојание намалено за 200 мм, на вкупно 3.400 мм, широчина за 100 мм, намалена на 1.900 мм и минимална тежина намалена за 30 кг. Се очекува вкупниот притисок да се намали за околу 15-30 отсто, иако тимовите неизбежно ќе го надоместат ова додека ги развиваат своите автомобили. Отпорот е намален за 40 проценти. Автомобилите ќе имаат активна аеродинамика, предните и задните крила ќе се отвораат на правците за да се намали отпорот и за да се зголеми брзината во права линија и ќе се вратат на место за максимални перформанси во свиоците, пишува „Би-би-си“.
Гумите ќе ги задржат 18-инчните бандажи, но самите гуми ќе бидат потесни, за 25 мм напред и за 30 мм на задниот дел. Моторите ќе имаат приближно 50-50 поделба на моќноста произведена од моторот со внатрешно согорување и од електричниот систем, во споредба со околу 20 отсто електрична енергија годинава. Хибридниот систем е поедноставен преку отстранување на „МГУ-Х“, сложениот и скап уред што ја обновуваше енергијата од турбото, пишува „Би-би-си“. Автомобилите ќе мора да работат на целосно одржливо гориво, произведено од биомаса или од синтетички индустриски процеси, пишува „Би-би-си“. Н.М.
































