Нова финансиска помош, втора по ред во само неколку месеци, обезбеди Џудо федерацијата на Македонија (ЏФМ) за клубовите-членки, со цел да им помогне да го надминат овој кризен период во кој коронавирусот има огромно влијание врз овој спорт. Дополнително, џудо федерацијата одлучи да ги ослободи клубовите од плаќање на годишната котизација, како уште една мерка за поддршка. Ова беа двете најзначајни одлуки кои беа донесени на редовната седница на извршниот одбор која завчера се оддржа во големата сала на општина Прилеп, под посебни протоколи за заштита од ширење на пандемијата.
Покрај овие две точки, на седницата на извршниот одбор се дискутираше и за влијанието на коронавирусот и за можниот почеток на сезоната во следниот период. На седницата активно учество зедоа и селекторите и претседателите на комисиите кои најпрво се осврнаа кон се она што го сработија во изминатите неколку месеци, а потоа дадоа и свои видувања за предизвиците со кои што ќе се соочуваат во следниот период, како резултат од негативните последици од коронавирусот.
До крајот на седницата беа усвоени ранг-листата за 2020 година, планот, програмата, и календарот за годинава, правилата за учество на Државни првенства и натпревари годинава, како и правилникот за рангирање.