Дел од развојната програма на федерацијата е вклучување институции и стручни лица од повеќе области, кои можат да помогнат во развојот и унапредувањето на џудото во Македонија, а тој план почнува да се реализира токму со овој меморандум, како прв и многу значаен чекор. Преку оваа соработка, нашето членство ќе добие значајна помош и стручна поддршка, изјави Владимир Трпаноски, претседател на Џудо-федерацијата на Македонија
Џудо-федерацијата на Македонија и Факултетот за физичко образование, спорт и здравје, потпишаа меморандум за соработка, преку кој ќе се даде научна поддршка за реализација на развојната програма на федерација. Со научната и експертска поддршка од факултетот ќе се овозможи едукација на кадрите, како и кревање на нивото на знаење и вештини кај членството на федерацијата.
– Дел од развојната програма на федерацијата е вклучување институции и стручни лица од повеќе области, кои можат да помогнат во развојот и унапредувањето на џудото во Македонија, а тој план почнува да се реализира токму со овој меморандум, како прв и многу значаен чекор. Џудото како спорт има перспектива во Македонија и работата на федерацијата само ги потврдува капацитетите, кои треба да ги стимулираме и да создадеме простор за уште поголема експанзија. Преку оваа соработка со Факултетот за физичко образование, спорт и здравје, нашето членство ќе добие значајна помош и стручна поддршка – изјави Владимир Трпаноски, претседател на Џудо-федерацијата на Македонија.
За исполнување на целите на соработката, Факултетот за физичко образование, спорт и здравје ќе изработува и ќе реализира истражувачки проекти поврзани со џудо-спортот, како и тестирања за антрополошкиот статус на џудистите од различни возрасни категории со препораки за подобрување на нивниот развој. Токму тоа ќе даде голем придонес во институционализирање и професионализирање на џудото како спорт.
– Унапредувањето на џудо-културата и спортот во Македонија е од големо значење за секого, пред сѐ поради големиот интерес и потенцијал што постои во Македонија. Федерацијата прави многу за популаризација на овој спорт, и тоа преку едукацијата за џудото, па токму во таа насока е и оваа соработка, само крената на повисоко ниво – вели проф. д-р Ленче Алексовска-Величковска, деканка на Факултетот за физичко образование, спорт и здравје.