Јужна Кореја официјално побара од Интернационалниот олимписки комитет (ИОЦ) да го забрани неофицијалното јапонско знаме со „сонцето кое изгрева“ пред Олимпијадата во Токио во 2020, споредувајќи го симболот со нацистичката свастика.
Во писмено барање до претседателот на ИОЦ, Томас Бах, министерот за култура, спорт и туризам на Јужна Кореја изрази загриженост пред Олимпијадата следната година.
– Тоа знаме е поврзано со јапонскиот империјализам и воената агресија во Азија од крајот на 19-тиот век. Исто како што свастиката ги потсетува Европјаните на ужасите од Втората Светска Војна – се вели во писмото.
Знамето, на кое има црвено сонце со 16 зраци од центарот е користено во Јапонија со векови и уште е официјално знаме на морнарицата на оваа земја. Официјалното знаме на Јапонија е црвен диск на бела површина, кое ќе го користи и олимпискиот тим. Организаторите на ОИ во Токио веќе го одбија барањето на Корејците.
– Знамето се користи во Јапонија, не претставува никаков политички гест, така што не е забрането – објави организациониот комитет.