Најдобриот македонски тенисер Томислав Јотовски ја оствари и втората победа на фјучерс-турнирот во Анталија што се игра за награден фонд од 15.000 долари. По стартната победа над најдобриот турски тенисер Марсел Илхан, денеска Јотовски славеше над Италијанецот Давиде Галопини.
Првиот сет му припадна на Италијанецот со 6-4, а потоа Јотовски заигра многу подобро и ги доби двата сета со 6-4 и 6-3.
– Ова беше тежок натпревар во исцрпувачки услови, па до поените дојдов со многу повеќе напор отколку што очекував. По слабиот старт, во вториот и во третиот сет сервирав многу подобро, физички се чувствував многу посилен и посигурен, и тоа одлучи да победам – ни изјави Јотовски.
Во четврт-финалето тој ќе се сретне со победникот од мечот меѓу осмиот носител Аргентинецот Томас Липовшек и Чехот Павел Неједли.