Во план се неколку мини-подготовки во јуни, јули и во август. Треба да имаме и еден контролен настап на меѓународен турнир во Нови Сад, вели селекторот Јовановски
МАКЕДОНИЈА СО ДВАЈЦА СПОРТИСТИ НА ПОИ ВО ТОКИО
Македонија засега има два претставника на Параолимписките игри (ПОИ) во Токио (24 август-5 септември). Иако до почетокот на ПОИ остануваат повеќе од два и пол месеца, параолимпијците имаат веќе поставена агенда на подготовки за што поподготвени да го дочекаат настапот во Токио.
– Покрај стрелачката Оливера Наковска-Бикова, универзална вајлд-карта за настап има и младата фрлачка во ѓуле, Елена Давитковска. Но ако на 9 јули бипартитната комисија му додели вајлд-карта на младиот македонски стрелец Александар Јовановски, тогаш тој ќе настапи на 31 август на ПОИ во дисциплината воздушен пиштол – мажи на 10 метри, оти неговата вајлд-карта по ранг е поголема од универзалната на Давитковска. Нашата федерацијата набави за стрелците електронска опрема, т.н. СКАТ-симулатори за тренирање во домашни услови, оти поради ковид-19 беа затворени салите за тренинг. Во план се неколку мини-подготовки во јуни, јули и во август. Треба да имаме и еден контролен настап на меѓународен турнир во Нови Сад (1-4 јули). Тука се и домашното првенство и двата купа, како и неколкуте интерни натпревари. На 24 август заминуваме за Токио – вели селекторот на македонската параолимписка репрезентација, Бранимир Јовановски.
Оливера Наковска-Бикова ќе настапи во дисциплините воздушен пиштол на 10 метри (31 август), спорт пиштол на 25 метри (2 септември) и воздушен пиштол слободен избор на 50 метри (4 септември). Настапот во Токио ќе ѝ биде петти во низа на ПОИ, а во Лондон во 2012 година таа го освои златниот медал со воздушен пиштол (10 метри).
– Наковска-Бикова е докажана стрелачка и од неа очекувам да влезе во финалето и да се бори за медал. Ако настапи Јовановски, бидејќи е млад натпреварувач, очекувам пласман околу средина на табелата. Тој и Давитковска се наши големи надежи за ПОИ во Париз 2024 година – вели Јовановски.