Намерата е на спортистите, особено на маратонците, да им се овозможи да се натпреваруваат во поподносливи услови
Јапонците летово имаат големи проблеми со високите температури и со топлото време поради што веќе имаше околу 120 смртни случаи. Постои вистинска загриженост дека топлината може да биде ризична за здравјето, но и за животите на спортистите, поради што јапонската влада размислува за поместување на часовниците нанапред за два часа, помеѓу јуни и август, пробно во следната 2019-та, а потоа и на Летните олимписки игри (ЛОИ) 2020 година. Комбинацијата на летниот топлински бран 2018-та и ЛОИ 2020 година придонесоа ова прашање да стане главно.
Намерата е на спортистите, особено на маратонците, да им се овозможи да се натпреваруваат во поподносливи услови. Поместувањето на стрелките на часовникот нанапред Јапонците го отфрлија во 1952 година од минатиот век, по завршувањето на американската окупација. Тогаш работниците се жалеле дека поради подолгиот ден газдите на компаниите ги терале да работат подолго. Оттаму јапонските власти помалку се скептични околу овој предлог.
Освен поместувањето на стрелките на часовникот, Јапонците разгледуваат и други опции како да им го олеснат престојот и животот на спортистите за време на Игрите. Тие планираат проширување на зелените зони, како и поставување посебни подлоги со кои би се апсорбирала топлината.
ЛОИ 2020 година ќе се одржат кон крајот на јули и почетокот на август, во период на најжешките и највлажните месеци во Јапонија.
Челниците на Интернационалниот олимписки комитет (ИОК) веќе апелираа до јапонскиот премиер Шинзо Абе да прифати летно сметање на времето, за да може маратонот да се одржи во раните утрински часови кога е посвежо.
Медиумите објаснуваат дека во летните месеци, странски посетител во Токио може да се разбуди во четири часот наутро и да се прашува зашто сонцето веќе се пробива низ неговиот хотелски прозорец. Одговорот за тоа е долгиот отпор на Јапонија за заштеда на летната светлина што значи дека до 10 часот температурата честопати е многу над 30 степени.