Прошев беше младински првак на Македонија во 1965 година. На шампионатот на Југославија стигна до 4-то место

ОД РЕПОРТЕРСКИОТ БЕЛЕЖНИК НА ЗОРАН МИХАЈЛОВ: СЕРИЈАЛ ЗА ВЕЛИКАНИТЕ НА МАКЕДОНСКИОТ СПОРТ (163)

Во македонските градови во минатото, па и сега, има многу талентирани момчиња и девојки за спорт. Некои од нив остануваат незабележани од тренерите, други, пак, кај кои навреме се открива нивниот талент, стануваат врвни во својот спорт. Има и такви, кои во младоста ќе блеснат, ќе постигнат добри резултати, а потоа од најразлични причини не стигнуваат онаму каде што се нивните вистински можности. Таков е примерот и со големиот шаховски талент од Богданци Ѓорѓи Прошев, кој во 1965 година, бранејќи ги боите на шаховскиот клуб од Гевгелија, стана младински првак на Македонија. Своите квалитети, кои гарантираа убава иднина, ги покажа и на шампионатот на поранешна Југославија, на кој истата година го освои 4-то место. Овој пласман, со оглед на тоа што поранешната држава беше шаховска велесила, претставуваше изненадување за македонската шаховска јавност и беше огромен успех за Прошев.

– Шахот во вистинска смисла на зборот го почувствував кога се запишав во Средното техничко училиште во Скопје. Тогаш, често одев во „седиштето“ на скопските шахисти, кафеаната на АМСМ. Тука доаѓаа и играа меѓу себе познатите шаховски мајстори Џајковски, Васил Крстев, Христов и други. Јас ги гледав и посакував еден ден да заиграм со нив. Така, едно попладне кога дојдов во кафеаната, тука во очекување на своите колеги шахисти беше само Крстев. Иако ми беше непријатно, зашто тој за мене беше голем ас, не можејќи да издржам, срамежливо му пријдов и го запрашав дали би одиграл една партија со мене. Тој прифати, што за мене беше пријатно изненадување, но истовремено и обврска да одиграм колку што можам подобро, да не се посрамотам. За моја радост во таа партија извлеков реми.

Потоа, тој ми предложи да одиграме уште една партија, во која со тешки маки ме победи, за на крајот да ми каже, момче ти си роден за шахот. Тоа уште повеќе ме мотивира и веќе наредните месеци се наоружав со литература и почнав сериозно да работам на усовршување на мојата игра. Сето тоа доведе до освојување на младинската титула во Македонија. Така, од малку познато момче од Богданци, станав личност за која се зборуваше – вели Прошев.

Меѓутоа, кога сите шаховски љубители очекуваа негов понатамошен подем, тој оптоварен со секојдневната семејна борба за егзистенција, не успеа да го искористи својот потенцијал и уште повеќе да се вивне во шаховските височини.
– Јас бев дете од земјоделско семејство, кое преку обработување на земјата, од доматите и пиперките, ја обезбедуваше својата егзистенција. Шахот беше во втор план, па следната година, поради домашните обврски, не учествував на државното првенство. Доколку тоа се случеше, со оглед на тоа што веќе бев длабоко навлезен во шаховската игра, можеби и мојата кариера ќе имаше поинаков тек – вели Ѓорѓи Прошев.

ПАРТИЈАТА СЕ ДОБИВАНА ТАБЛА

За време на престојот во Скопје, Прошев настапуваше за екипата на Домот на градежните работници. Кога го продолжи школувањето во Битола, стана член на еден од најквалитетните македонски клубови Стево Патако, во кој својата афирмација ја стекнаа познатите шахисти, браќата Борче и Димче Илиевски.
– По освојувањето на младинската титула во Македонија, бев интересен за повеќе клубови. Инаку, моето доаѓање во Стево Патако, беше со симпатии примено меѓу битолчани. Јас, пак, токму поради тоа се трудев на адекватен начин да им вратам. Настапував на сите мечеви за екипното првенство на Македонија, а ги бранев боите на клубот и на најсилниот турнир во Југославија, традиционалниот Куп на Маршал Тито, што секоја година се одржуваше во Пула.

Таму имав средби со врвните југословенски шахисти, меѓу кои повеќето беа велемајстори, а тројца своевремено беа и светски младински прваци – Ивков, Парма и Љубоевиќ. Конкуренцијата беше силна, но и задоволството да се игра со тие мајстори на црно-белата табла беше големо. Се сеќавам на дуелот со Црвена звезда во кој за противник го имав познатиот интернационален мајстор Месинг. Тој мислеше дека лесно ќе ме добие, но откако го изненадив со неколку квалитетни потези почна да се препотува. Виде дека против себе нема наивен, туку квалитетен противник. На крајот ремизиравме, а тој верувале или не, беше пресреќен. Јас во овој меч покажав дека партијата се добива на таблата.

Теоретската поткованост за секој шахист е неопходна, но кога партијата ќе тргне во некоја друга насока и има отстапувања од вообичаените потези, тогаш теоријата многу не помага, туку до израз доаѓа мајсторијата на шахистот да ги одигра вистинските потези. Затоа, никогаш не отстапив од тезата оти партијата се добива на таблата – продолжи Прошев.

ТИВКОТО РЕМИ СО НИЧЕВСКИ

Од тогашните мечеви со асовите, Прошев се сеќава на една партија со интернационалниот мајстор Ристо Ничевски.
– Со Ниче бевме големи пријатели. Кога на мечот Студент – Гевгелија требаше да играм против него од преголем респект му реков: „Ниче подобар си, ако сакаш го имаш поенот од мене“. Тој изненаден од понудата ми одмавна со глава и рече: „Не, ќе играме, па кој биде подобар нека победи“. Партијата беше интересна и донесе голема возбуда. Јас бев во добиена позиција, Ниче почна да се врти лево-десно, за на крајот тивко да ми понуди реми, без да слушнат другите. Иако имав добиена позиција, јас прифатив – вели Прошев.
Така, низ интересни моменти и возбудливи партии, се одвиваше кариерата на Прошев. Откако престана со активно играње, сите сили ги насочи кон работата.
– И овде често се среќавав со шахистите. Заедничкото минато нѐ поврзуваше, па така си помагавме меѓу себе – вели Прошев.

Во 1997 година, под покровителство на фабриката „Вори“, која е специјализирана за конзервната индустрија, а е во сопственост на Прошеви, во Гевгелија беше организиран голем меѓународен шаховски турнир.
– Овој турнир на кој настапија и велемајстори, го организирав со намера нашите шахисти да можат да освојат што повеќе поени за да напредуваат со рејтингот. Меѓутоа, морам да кажам дека бев изигран од Министерството за образование и спорт, кое прво ми вети, а потоа се повлече и не бев ослободен со 10 проценти од данокот за добивка. Впрочем, тоа беше и според законот, но не знам од кои причини не се случи тоа и престанав да го организирам турнирот.

Исто така, во саботите и во неделите престанав да ги организирам и турнирите во Гевгелија, на кои се играше по пет минути, па, така, за 3-4 часа ќе продефилираа педесетина шахисти од сите возрасти. Јас ги обезбедував паричните награди, кои не беа големи, но, сепак, беа предизвик за играчите. Но некогаш е доволно еден човек да ја растури сета убава работа. Имено, во едно интервју на ТВ, еден од попознатите гевгелиски шахисти, за турнирите со потценување рече, играме за награда, колку за чашка семки. Е, ова беше капак, се мачиш, организираш, даваш и пари, а некој да го потценува твојот труд. Кренав раце од шахот. Еден период бев во структурите на Шаховската федерација на Македонија, каде што ми беше понудена и претседателската функција, која ја одбив – вели Прошев.

Навистина голема штета е што некогашниот, единствен младински шаховски првак на Македонија од нашите јужни краишта, Ѓорѓи Прошев, денеска не е присутен во шахот. Тој како истакнат стопанственик можеше многу да помогне, но неговото разочарување од сѐ она што се случуваше, очигледно беше големо.


Ѓорѓи Прошев

Роден: во 1947 година во Богданци
Кариера: ШК Гевгелија, Дом на градежници (Скопје), Стево Патако (Битола), Валандово
Успеси: Младински првак на Македонија во 1965 година, четврти на младинскиот шампионат на Југославија