ОДБОЈКА – ЕВРОПСКА СРЕБРЕНА ЛИГА
Македониja со две победи и еден пораз го заврши првиот турнир одигран во Струмица, по кој Данците водат со три победи. Викендов следува турнирот во Данска, а потоа и финалниот турнир во Струмица
Македонските машки одбојкарски репрезентативци со две победи и еден пораз го завршија првиот турнир во групата А во европската Сребрена лига 2021, која изминатиов викенд се одигра во салата „Парк“ во Струмица. По победите на мечевите со Кипар со 3-0 и со Израел со 3-1, избраниците на селекторот Никола Матијашевиќ, по голема борба, загубија од солидната селекција на Данска со 0-3, иако во сите три сета резултатот беше тесен (21-25, 23-25, 24-26).
– Тажен сум поради поразот, мора да изанализираме добро и да се поправиме. Не сакам да ни се случи 2018 година кога губевме во група и дојдовме на завршниот турнир со мала самодоверба. Сега треба да одиме во Данска и да им се реваншираме. А за да го сториме тоа, мора да ја играме основната игра. Данците беа одлични, но и ние им помогнавме во тоа – изјави капитенот на репрезентацијата, Никола Ѓорѓиев, кој и овој пат беше најефикасен одбојкар во македонската селекција (17 поени), а го следеа Александар Љафтов и Ристо Николов (со по осум).
Данска славеше вторпат во осмиот меѓусебен дуел во Европската лига. Во другиот натпревар од 3-то коло, Израел го совлада Кипар со 3-2 и ги задржа шансите за настап во полуфиналето, но според првите три кола, Данска има значително поголеми шанси оти е и домаќин на вториот турнир, од петок до недела во Шлагелсе, а таму, првиот меч нашите одбојкари ќе го одиграат со Данска. Во групата Б по три кола играни во Австрија (вториот турнир треба да се игра во Луксембург) води Унгарија со осум бода, а потоа следуваат Хрватска и Австрија со по пет и Луксембург без бодови.
Амбицијата на македонскиот национален тим ќе биде да се достигне вистинската форма за учеството на завршниот турнир во Струмица, на кој Македонија веќе е пласирана.